Дипломатски блокади го парализираа влезот во Охрид

Повеќе од час автомобили не мрднуваа на самиот влез во Охрид, додека полицијата ја затвори главната сообраќајница поради државни и странски делегации. Официјалната причина беше посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Заливот на коските и попладневната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со албанскиот претседател Бајрам Бегај, по што двајцата вечерва присуствуваат на отворањето на 65. „Охридско лето“.

Возачи заглавени кај Подмоље велат дека не добиле никаква најава за затворањето. „Да знаевме, немаше да патуваме на оваа жештина“, реагира една охриѓанка, потсетувајќи дека ни при претходни посети на високи гости не се правеле вакви целосни блокади.

Од СВР Охрид појаснуваат дека мерките се дел од „посебен безбедносен режим“: забрането запирање и паркирање на булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, кејот „Македонија“, околните улици и дел од регионалната магистрала Охрид – Свети Наум. Полицијата дури попладнево по реакциите на граѓаните испрати апел да се покаже разбирање и, доколку граѓаните и туристите немаат итна потреба да избегнуваат користење приватни возила сè додека фестивалските протоколарни активности не завршат.

Зачлени се на нашиот е-билтен