Народна банка воведува фиксни такси: Поевтини електронски плаќања и заштеда за државата

странските инвестиции

Советот на Народната банка на седницата одржана на 15 јули 2025 година изгласа целосно нов модел за тарифирање на услугите што банките ги плаќаат за извршување и порамнување плаќања во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Новиот систем, усогласен со практиките на Евросистемот, поставува фиксни и однапред предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите, што им овозможува на банките да ги поедностават и намалат трошоците што им ги префрлуваат на клиентите за електронски плаќања.

Истовремено, Советот воведе и единствена tarifa за државните органи при плаќања во евра кон земјите од СЕПА: 3 евра по трансакција за електронски налози и 5 евра за хартиени. Според Народната банка, овие ниски и фиксни такси, за разлика од досегашните варијабилни надоместоци што произлегуваа од кореспондентските аранжмани со странски банки, ќе донесат значителна буџетска заштеда.

Оваа одлука е дел од подготовките за приклучување на Северна Македонија кон СЕПА и претставува чекор кон поевтини прекугранични плаќања во евра, како за државата, така и за граѓаните и компаниите. Централната банка најавува дека и натаму ќе работи на намалување на трошоците и подобрување на квалитетот на платните услуги.

На истата седница Советот го усвои и кварталниот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор. Во услови на стабилен економски раст и благо забрзана инфлација, банкарскиот систем останува солвентен и ликвиден, а кредитната и депозитната активност бележат солиден раст. Добивката, сепак, расте побавно поради пониски каматни приходи, што ја наведува Народната банка да задржи претпазлива политика во очекување на глобалните ризици.

Советот ја одобри и имплементацијата на новиот информациски систем ИСИДОРА, кој со фазна примена ќе го замени постојниот начин на собирање податоци од банките и штедилниците. Системот ќе испорачува пообемни и поквалитетни податоци за монетарната статистика и финансиската стабилност, во целосна усогласеност со европските стандарди.

Зачлени се на нашиот е-билтен