Македонија со „дипломатски“ кредити ризикува да изгуби милијарди европски грантови

Ако Владата се откаже од европските, неповратни финансиски средства, и се потпре тврдоглаво и еднострано само на кредити од Велика Британија, Унгарија и од арапските фондови, Македонија ризикува да го промени својот европски пат и да се соочи со сериозни финансиски и политички предизвици.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Европската Комисија деновиве го усвои предлог-буџетот за 2028-2034 година кој тежи два трилиони евра (2000 милијарди). Предлогот ќе треба да го усвојат Советот на Европската Унија и Европскиот парламент.

Од нив, 200 милијарди би биле наменети за „Глобална Европа“, инструмент за финансирање на надворешните обврски на ЕУ. Во рамките на овој инструмент, ќе има и ресурси за земјите кандидати за ЕУ. Засега не се знае точно колкава е таа сума но според некои извори (Слободна Европа) таа може да биде поголема и од 40 милијарди евра.

Според Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ако предвидените средства бидат малку, сумата ќе биде ревидирана доколку нови земји се приклучат на ЕУ во тој период. Имено, во предлогот постои клаузула за ревизија, што значи дека буџетот ќе биде преработен ако некоја земја се приклучи на клубот во периодот 2028-2034 година. На крајот на краиштата, членките имаат тенденција да добијат повеќе пари од земјите-кандидатки. И со оглед на тоа што земји како Албанија, Црна Гора, па дури и Молдавија би можеле да се приклучат во овој временски период, значи да станат членки, тие имаат можност да добијат уште повеќе.

И во оваа пригода фон дер Лајен нагласува дека „Проширувањето е клучен приоритет, политичка цел и е стратешка инвестиција во стабилноста и просперитетот на Европа. Затоа го отвораме целиот сет алатки на „Глобална Европа“ за земјите-кандидатки како поддршка за реформи и инвестиции поддржани од ресурси“, рече фон дер Лајен.

Европската Унија со новиот буџет 2028-2034 испраќа јасен сигнал дека останува посветена на политиката на проширување и политички и економски.

Она што веднаш паѓа во очи е дека до скоро „крајниот рок“ за прием на нови членки, се пролонгира до 2034, со што се остава временски простор за приспособување на оние што навистина сакаат да се придружат на Унијата. Дополнителен „поттик“ за „конечна одлука“ на земјите кандидатки Европската Комисија им дава со неброени милијарди евра.

Прашањето е дали Македонија ќе ја искористи оваа историска шанса или ќе избере поинаков пат.

Според досегашниот принцип на распределба, Северна Македонија би можела да добие од 2 до 2,5 милијарди евра, со потенцијал до 3 милијарди, ако има силни реформи и политички стабилен процес. Тоа се неповратни средства, односно грантови, за инфраструктура, енергетика, дигитализација и владеење на правото. Но оваа финансиска можност доаѓа со услов-напредок во преговорите за членство и усогласување со европските стандарди.

Сегашната влада, предводена од Христијан Мицкоски, испраќа јасен сигнал дека политички компромис за напредок кон ЕУ нема да се случи по цена на идентитетот и уставните измени. Тоа де факто значи оддалечување од можноста за добивање на овие неповратни средства.

Во такви услови, фокусот се пренесува кон алтернативни извори на финансирање. Меѓу нив се преговорите со Велика Британија за кредитна линија за инфраструктура и енергетски проекти, билатерални аранжмани со Унгарија, со нагласок на „финансиска помош без услови“, како и можни договори со Светска банка и трети земји, како Турција и арапски фондови. Причината е очигледна: брзина и видливи проекти без- европски услови.

Кредитите од Велика Британија, Унгарија и други извори би можеле да изнесуваат околу 2-3 милијарди евра, до 6 колку начелно беа договорени, но тоа се повратни средства со камата. Ризиците се значајни: јавниот долг би можел да порасне за најмалку 10 до 15 проценти во следните години. Понатаму, овие кредити можат да носат скриени политички услови, како на пример поддршка за политиката на Орбан во ЕУ. На крајот, застојот во преговорите со ЕУ може да значи губење на милијарди евра неповратни средства, што ќе ги намали шансите за забрзано членство.

Со изборот на кредити од Велика Британија и Унгарија, Македонија фактички испраќа сигнал до Брисел: „Ако не прифатите нова рамка без бугарски услови, ние ќе најдеме пари на друго место.“

Но ова отвора прашања: Дали овие кредити се само економски или и политички договори? Дали Македонија се движи кон модел на финансирање карактеристичен за земји надвор од ЕУ?

Дилемата е јасна, дали Македонија ќе избере долгорочни грантови од ЕУ, кои не создаваат долгови и ја стимулираат институционалната реформа, или кредити со политички ризици и зголемен јавен долг?

Потоа следува прашањето дали Мицкоски со ова ја притиска ЕУ или ја заглавува Македонија. Одговорот зависи од реакцијата на ЕУ и од начинот на кој Владата ќе ја менаџира оваа стратегија.

Она што е веќе јасно видливо е дека Владата на ВМРО ДПМНЕ смета на сценариото-притисок што носи резултат. Владата испраќа јасна порака дека ако не се понудат фер услови, ќе се бараат пари на друго место. Во таквото сценарио, смета Владата, ЕУ, загрижена за геополитичкиот вакуум, може да одговори со намалување на политичките ризици во процесот, на пример со гаранции за јазикот и идентитетот. Во овој случај, Македонија би ја подобрила преговарачката позиција без директна конфронтација. Ризикот е дека ова бара дипломатска вештина и јасна порака дека земјата останува посветена на ЕУ.

Второто сценарио е автогол и заглавување. Ако ЕУ ја сфати стратегијата како оддалечување и приближување кон Орбан, Лондон или други трети актери, довербата ќе опадне. Македонија може да изгуби пристап до механизми за забрзано приближување и многу пари. Владата веќе покажува неспремност на апсорпција на европските пари во предвидениот рок.

Влезот во задолжувачки циклус ја прави земјата послаба и зависна од трети партнери. Најлошото сценарио е Македонија да остане без милијарди неповратни средства и да го одложила членството по 2034 година. Ризикот е заглавување и губење на европската перспектива.

Во моментов, сигналите од Владата укажуваат на стратегиско оддалечување од Брисел, што ако не се балансира со позитивна порака за евроинтеграциите, може да ја втурне Македонија во период на зголемен долг и политичка изолација.

Ако Владата се потпре тврдоглаво и еднострано само на кредити од Велика Британија, Унгарија и од арапските фондови, Македонија ризикува да го промени својот европски пат и да се соочи со сериозни финансиски и политички предизвици.

Зачлени се на нашиот е-билтен