Овојпат во ова издание на серијалот „Имаме неколку прашања за вас“, го имаме Ѕвездан Георгиевски. Тој ни се придружи денеска во редакцијата на порталот Рацин.мк и додека размислував за тоа како да го претставам, прво на памет што ми падна беше новинар, се рабира. Но тој се активираше прилично успешно и во книжевноста. Објави веќе неколку книги, најновата е веќе на пат. Но, има и многу други активности со кои се занимаваше Ѕвездан Георгиевски, па така да тешко ми беше да го изберам вистинскиот начин како да го претставам.
Но, тој е тука со нас и неговото присуство и неговите одговори во ова интервју ќе бидат доволни, иако јавноста прилично добро го познава Ѕвездан Георгиевски. Но, ете, за мене беше предизвик да го поканам и тој да биде вклучен во овој серијал интервјуа.
Со Ѕвездан Георгиевски разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Да почнеме со новинарството. Ти си еден од оние, припадници на генерациите новинари што завршија на Факултетот за интердисциплинарни студии по новинарство на Правниот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје. Студии кои тогаш, на времето, беа дочекани акламативно, добредојдено, затоа што немаше тогаш студии по новинарство, а потребата од образовани новинари во тој формат беше и тоа како очекувана и добредојдена.
Но, она што се случи од тогаш наваму, е постојаното осипување на запишаните новинари на тие студии. Ако во 1977 имало запишано 125 новинари, актуелната, деканка на факултетот, Јасна Бачовска, соопшти дека минатата година се запишале само шест студенти.
Како гледаш на тие бројки, на тие факти?
Јас сум трета генерација на интердисциплинарните студии. Мојата генерација имаше 150 редовни и вонредни студенти. Јас си го памтам бројот на индексот четири-два-четири.
Јас бев, значи, 424. студент запишан на тој факултет во третата генерација.
Значи, неколку причини има. Прво е падот на професијата. Новинарството тогаш или новинарите тогаш беа по ценети. Таа професија беше поатрактивна отколку што е денес, реално. Не дека немаше медиуми, имаше голем број медиуми, меѓутоа мејнстрим медиумите беа малку, да кажеме Македонската радио и телевизија, „Нова Македонија“ и „Вечер“, некои спорадични како „Екран“ или некои други ревии како „Просветена жена“ и слично. Со тоа што беа малку, тие беа на некој начин елитни. И беше, ако влезеш во една од тие куќи беше престиж и се чувствуваше и ти како, како важен.
Денес, за жал, немаме медиум на тој начин. Има безброј телевизии, има безброј портали, има уште некои печатени медиуми, меѓутоа нема издвоен медиум кај што би помислел човек дека е тој елитен медиум или медиум од сериозна доверба, да кажеме.
Потоа падот на стандардот на новинарите, исто така, би рекол. Не сум многу во тек, но би рекол веројатно и падот на квалитетот на наставата на факултетот. Поради тие некои законски причини на факултетот не предава ниту еден новинар.
Јас не познавам новинар од мојата генерација кој бил викнат таму, барем како гостувачки говорник, да пренесе некакви искуства, некакви знаења. Мене ми предаваше Јован Павловски новинарство, значи, искусен новинар, сериозен новинар и така натаму.
Доаѓаа како гости од Белград, Сергеј Лукач дојде, Љубомир Рајнвајн, дипломатскиот уредник на Танјуг. И од тие предавања на Лукач и на Рајнвајн јас навистина многу научив и од Јован се разбира.
Ме пуштаа на пракса и така натаму. Јас сум толку време во новинарството, мене никогаш не ми пуштиле студенти од новинарство на пракса, на пример. Мислам дека и падот на критериумите. Сега буквално, она што велат, може да биде секој новинар. Не мора да биде школуван новинар. Јас сум многу против тоа отсекогаш.
Во мое време имаше и насоки на факултетот. Јас имам завршено економска насока. Јас сум по вокација економски новинар суштински. Но, велам зошто не ме тестираат во банка? Можда сум подобар економист од тие што завршиле економски? Не, јас не можам таму да работам, а економистот може да работи кај мене во весник.
За да отвориш медиум ти треба само мобилен телефон и ништо друго

За воља на вистината имаше неколку обиди од алтернативните институции и граѓанските организации. Македонскиот институт за медиуми имаше Едногодишна школа за новинарство, која потоа прерасна во Висока школа за новинарство и во која учествуваа луѓе кои произлегуваа од еснафот.
Но, точно е ова што велиш ти дека на самите факултети немаше луѓе од професијата кои ќе предаваат. Но и тоа не помогна многу, тоа создавање на паралелни системи за образование на новинари. Сепак драстично почна да опаѓа бројот на новозапишани новинари, школувањето.
Ти велиш има повеќе причини. Една од причините е можеби пробивот на технологијата, нивелирањето на она што значи никакви критериуми, дека не мора да има завршено стандардно, класично, школа или образование за новинарство, но од таму ми се чини произлегува и оваа состојба денес во која се наоѓа новинарството. Дали си согласен?
Да, да, апсолутно. МИМ го спомна и високата школа. Добар пример спомна, затоа што тие извадија сјајни генерации новинари кои се и денес важни новинари.
Што го потврдува ова што го велиш, бидејќи знаењето го добиваа од луѓето од професијата, од искуството…
Јас ги почитувам многу тие колеги и многу ми се драги. Па да, некако новинарството стана резервна професија, како таксист, ако немаш некоја работа.
За да отвориш кафеана, на пример, треба, не знам, ХАСАП стандарди, треба три вецеа, треба противопожарна заштита, треба… Не знам што сѐ не треба. За да отвориш медиум ти треба мобилен телефон. Ништо друго.
Луѓето мислат дека тоа е најевтината работа на светот и дека може нешто да се заработи од тоа. И тоа е тоа нешто го живееме сега. Практично маркетинг, а не новинарство, не информирање.
Инаку, реков дека добро те познаваат јавноста, граѓаните. Но, да спомнеме дека ти си новинар кој целата своја кариера ја помина во она што значи, ти го употребив зборот елитни редакции, но навистина беа така. Во редакции во рамките на НИП Нова Македонија, тука беа освен весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“, се разбира и весниците на другите на малцинските јазици.
Од таму произлегоа „Екран“ и „Пулс“. Луѓето што работеа таму создадоа други весници како „Утрински весник“, „Независен“, магазинот „Глобус“ и така натаму. И во сите тие ти практично имаш свое учество и тоа остави еден силен печат во новинарството благодарение и на твојата работа во овие медиуми. И тоа е сосема различно од ова што е денеска.
Јас се вработив 1984-та година, 83-та на крај и бев кратко време во комуналната, во скопската рубрика и веднаш ме префрлија во културна.
Тогаш имаше некои проблеми во културната, им требаше тркач, некој млад човек да трча по вести. Во Културната имаше во мое време меѓу седум и десет професионални новинари. Само во таа рубрика.
Јас сега не знам дали да кажеме еден „Слободен печат“ има толку вкупно професионални новинари за целиот весник. Ние бевме стриктно специјализирани. Ја имавме Лилјана Мазова којашто водеше театар и го водеше со години и не можеше нејзе да и пројде ништо.
Корнети која водеше музика. Бранко Цветковски и Глигор Стојковски кои водеа литература…
Томислав Османли филм…
Томислав Османи филм и телевизија малку подоцна. Билјана Мартиновска водеше високо образование и МАНУ. Билјана Јовановска основно и средно образование. Значи имаш двајца луѓе кои се само за образованието. Имавме сектор културна политика. Јас го водев тој сектор. Политика на културата, така го нарече Верољуб Андоновски (тогашниот уредник на Културната редакција во Нова Македонија). Тоа денеска го нема нигде.
Сега практично имаме маркетинг, а не новинарство, не информирање

Ти си сега во пензија. Ги исполни условите за пензија, но остана твојата врска со новинарството, која ти практично ја започни пред да заминеш во пензија со колумните што се објавуваат во Призма. Веројатно тоа и понатаму ќе остане, се надевам.
И јас…
Она што сакам да прашам е, кога зборуваме за новинарството, колумните како новинарски формат беа нешто на кое прво им обраќавме кога ги отворавме весниците. Потоа ги читавме дневните настани. Сега мислам дека е малце поинаку.
Сега има инфлација на колумни. Значи колумните беа прво новинарски жанр и беа резервирани за новинари од редакциите. Не за гостувачки пишувачи. И беше многу тешко да се стигне во редакцијата до колумна, бидејќи таа беше еднаш неделно и еден човек ја прави. Не може секој да пишува.
Потоа, она што ние го викавме мислење, експертиза или слично, се претвори во колумна и добивме политичари, стопанственици и глумци и не знам што. Сите одеднаш станаа колумнисти. И кога имаш многу од нешто, тоа е инфлација, нели? И квалитетот нема да го препознаеш. Едно е мислење да кажеме, да го издвоиш како мислење. Некој политичар со некое свое мислење што го објавуваш, ама не како редовна практика. Така паѓаат колумните.
Во една, ми се чини последната колумна твоја, се осврна на згаснувањето на регионалната телевизија Ал Џезира и според она што ти го имаш напишано, јас вака го прокоментирав тоа, дека практично со згаснувањето на Ал Џезира Балканс згасна последното догарче од она што некогаш се препознаваше како единствен југословенски информативен простор.
Да, тој проблем го живееме сега веројатно и на глобално ниво. Без оглед на технологиите, без оглед на пристап до сите информации и така натаму, ние практички прекинавме да се познаваме меѓу нас.
Јас мислам дека нашите државни проблеми и со Грција и со Бугарија, произлегуваат од нашето непознавање со нив и нивното непознавање со нас. Тој југословенски, да го кажам културен простор, мислам и убеден сум дека уште постои и уште функционира и наоѓа начини да продолжи.
Се сеќавам, на пример, дека кога почина Тоше Проески, единствена држава во регионот што не го жалеше беше Грција. Не од друго. Поима немаат кој е Тоше Проески. Значи, затворени сме многу и затоа ми е жал за Ал Џазира.
Затоа и го напишав тој текст, затоа што тоа беше високопрофесионална телевизија на која можеа да се чујат гласови со различни мислења од различни интереси, меѓутоа на едно фино културно-дебатно ниво, од кое што можеш, како гледач, да извадиш некаква анализа, сопствена, или да заклучиш за што станува збор.
Ова другото сега, нашите дебатни емисии, да ми простат колегите, тоа е врева. Тоа не е дебата, тоа е викање. Кој погласно вика, тој е во право.
Чисто да разјасниме, кога зборуваме за овој тип, за единствен југословенски информативен или културен простор, не станува збор за југо-носталгија од овој тип кои некои го квалификуваат со некој негативен предзнак, туку едноставно како нешто, како што ти самиот рече, помага да се запознаваме.
Постојат многу иницијативи за тоа регионално поврзување, за да се запознаеме, да се знаеме, за да си ги знаеме историjата, позадината и да се и на тој начин да се разбереме за она што ни се случува денеска
Да, јасно, југо-носталгија е друго прашање.
Нашите дебатни емисии се само викање и кој погласно вика, тој е во право.
Сега сакам да се префрлиме на нешто што го работиш последните години. Ти ќе ни кажеш точно колку години поминаа од првиот твој роман што го објави, но ти се префрли, уште додека беше новинар на книжевноста. Ти направи неколку сериозни книги кои предизвикаа внимание во јавноста. Што беше тоа што те поттикна?
Знаеш каква беше состојбата во новинарството. Јас работев во последната професионална редакција во која бев професионално ангажиран.
Тоа беше „Глобус“, неделникот, една многу убава редакција. Морам да кажам, многу убава, стварно квалитетна редакција. Кога згасна „Глобус“, останавме без работа. Јас немам други вештини освен пишување и тој момент, кога останав без работа, сфатив дека македонското новинарство повеќе нема потреба од Звездан Гергиевски.
„Обијав“ врати, се обидував, не дека не се обидував, ама од разни причини бев одбиен. Беше многу чудна една атмосфера. Барав новинарска работа, да бидам новинар, и сите ми велеа не ми треба уредник. Јас им велев не барам уредничка работа, барам новинарска. Не и ти си уредник, демек. Дали беше тоа оправдување, не знам. Јас сум еден од поборниците на тоа дека само работата носи квалитет, не талентот толку.
Ја сум по онаа теорија дека нема ден без напишан ред. Јас сум од пишуваното новинарство и се трудам секој ден да имам нешто напишано. И кога веќе немав новинарски ангажмани се амбицирав во книжевноста со идеја дека сум прочитал многу книги, многу македонска литература, многу преведена, многу странска литература и така натаму. И реков, ајде да направам некој обид.
Мојата прва книга, првиот роман, „Недела дена во животот и смртта на Гроздан”, излезе 2016 година, така што бев дебитант на 55 години во македонската литература.
Во културната рубрика во мое време имаше меѓу седум и десет професионални новинари

Да, ти во едно интервју велиш: „Јас во животот не сум кренал нешто повеќе од пенкало”. И пенкалото овојпат, практично, наместо да пишува новинарски содржини, почна да пишува книжевност.
Да, да кажеме зборувам за специјализација на новинарите. Во суштина, новинар би требало, по мене, да биде она што го велат – универзален сезнајко. Принципот е ист. Ако се сруши некој авион, веста е иста и ист е принципот на веста, како и ако се случи некоја премиера во театар. Треба да знаеш кои се важните елементи и да ги соопштиш на читателите. Пишувањето е исто како за новинарски текст така и за литература. Различна е темата, различен е пристапот можеби, различна е фикцијата, да кажеме фантазијата и така натаму. Ама реченицата е таа. Имаш една тастатура со толку и толку букви. Треба само да ги наредиш во логичен ред.
Во меѓувреме си презеде на себе си и една голема одговорност, а тоа е да се организира и спроведе изборот на Роман на годината во Македонија, преку Фондацијата „Славко Јаневски“ што ја иницираше и чиј што си извршен директор. Јас навистина сметам дека тоа е сериозна и одговорен и повик и задача, бидејќи сметам дека Роман на годината стана престижна титула во Македонија.
Те благодарам, многу ми значи ова мислење, бидејќи Романот на годината е мое животно дело.
Кога ќе ме прашаат кај Свети Петар што си направил во животот – сум направил Роман на годината. Романот на годината почна во Утрински весник. Јас бев уредник на културна рубрика. Во меѓувреме, со неколку колегу го отворивме првото приватно радио, Канал 4.
Морам сега малку една дигресија. Тогаш, тие деведесетти години кога постоеше Канал 4, едно од култните радиа на Балканот беше Б92 во Белград. Б92 беше опозициско радио и Милошевиќ правеше сè да се слуша што помалку.
Едно време се слушаше само во еден кварт во Белград и јас на Веран Матиќ, тогаш главниот на Б92, во една прилика му велам како е можно јас да ја знам програмата на Б92, да знам за едно локално радио, а тоа во Белград да не се ни слуша.
И тој ми рече една реченица: „Медиумот мора да излезе од себе. Мора да произведува вести. Не да следи, него да биде вест.” И вика: „Ние правиме книги, ние правиме хепенинзи, манифестации, демонстрации, сешто и за нас се слуша. И тоа го прави медиумот бренд.”
И со таа некоја идеја дојдов во Утрински и реков: „Мора да направиме ние да бидеме вест, не само да следиме вести.” Бев во културна редакција, да не бев во културна, да бев во друга редакција ќе беше некоја награда. Но, ете, за роман немаше награда во Македонија.
„Стале Попов“ и „Рациново признание“ се за проза, но специјализирана награда за роман немаше. Тоа е 99-та година и тогаш романсиерската продукција тие години, цела таа декада, беше на најниско ниво во Македонија.
Поезијата беше многу развиена, за разлика од денес кога поезијата е во регресија, а романот е ептен отиден. И рековме: „Дај да пробаме да стимулираме романсиерско творештво“.
„Утрински весник“ беше сериозна редакција. Можеа да се издвојат релативно добри средства за да се обезбеди сериозно жири, да се обезбеди сериозен пристап кон наградата. „Утрински весник“ не беше издавач на книги. Јас тогаш не се занимавав со литература вака, како книжевник, да кажам, ниту бев литературен критичар.
Така што, ние немавме никаков интерес во смисла овој издавач да добие, овој писател да добие. Бевме олабавени од тоа. Нам ни беше стварно пресудно роман кој таа година е најдобар да ја добие наградата.
И многу брзо се препозна наградата меѓу издавачите, меѓу читателите. Кога згасна Утрински, се видовме неколку колеги од основачите Ерол Ризаов, Бранко Тричковски, Манчо Митевски, Љупчо Поповски и јас. И сега, нормално, жалиш по весникот, добар весник и така натаму, ама не можеш да го спасиш никако. И рековме ај да се обидеме. Ако не можеме да го спасиме весникот, да ја спасиме наградата. И така произлезе Фондацијата „Славко Јанески“. Дотогаш наградата постоеше седумнаесет години, еве сега дваесет и шеста година, ја врачивме дваесетишестата награда.
Во Македонија многу тешко се создава традиција, а многу лесно се гаси, и проценивме дека оваа награда стварно е добро прифатена и од писателите и од издавачите и од јавноста, би рекол.
И стварно ми беше жал лесно да ја испуштиме.
Во Македонија многу тешко се создава традиција, а многу лесно се гаси

Она што ја разликува оваа награда е дека не се измешани интересите на издавачите и писателите, па писателите се издавачи… Оваа награда, којашто практично тргна од „Утринскиот весник“ и потоа ја продолжи традицијата и ја одржуваш и понатаму, ги нема тие пречки. Таа навистина беше од интерес на јавноста, од интерес на писателите, без да има некакви внатре интереси кои ќе ви прават влијанија.
Се трудиме и се трудевме стварно, значи петчлено е жирито. Јас не знам дали друга награда има пет члена. Можеби наградата „Браќа Миладиновци“, не сум сигурен. Петчлено е жирито и се трудиме тие членови да бидат буквално од различни генерации. Многу често, просто чудно, но кога ќе се собере журито, тогаш првпат се запознаваат некои луѓе.
Кога беа Калина Малеска и Оливера Николова првпат се запознаа. Значи да бидат од различни генерации, да имаат различен естетски пристап. Да имаат, обавезно некој поет, некој професор, некој писател, некој ова-она и да бидат од различни книжевни кругови.
И потоа жирирањето. Принципот на жирирање е многу интересен. Нема расправа на жирирање, не зборуваме, не дискутираме. Ние им спремаме листови, да кажеме четириесет романи и гласачки листови и тие заокружуваат дваесет.
Без никакви муабети. Јас ги бројам гласовите. Секој што има три, значи мнозинство гласови три плус и повеќе оди во вториот круг. После оди расправа не за тие што влегоа. Тие се неприкосновени. Туку расправа за тие што отпаднаа. Данес случајно сме испуштиле некој. Во наредниот круг од дваесет бираат десет, од десет пет, и така натаму. И од тоа сито кое ќе се направи, од такви различни интереси и такви различни естетски гледања, ова-она, стварно излегува нешто што е заеднички именител квалитет.
И навистина, доделувањето на таа награда беше поттик за романескното творештво во Македонија. Лансираше многу добри млади автори и, се разбира, имаше автори и од постарата или од средната генерација што ги доби наградите, но го отвори тоа поле на новосоздадените романи и навистина македонскиот роман отиде, како што викаш ти, навистина прилично високо.
Јас, толку колку што можам да следам и во регионот и пошироко, сум многу задоволен од македонската романсиерска продукција. Квантитет има, дури и преголем за мој вкус.
Добиваме околу четириесетина романи на годишно ниво, што е за Македонија, мислам премногу, но не е битно. Она што е важно е дека меѓу нив секогаш има четири, пет или шест наслови кои се на рангот на Европа.
Не се можда ремек-дела, меѓутоа со нивниот квалитет не се срамиш никаде. Сега државата остана да направи некоја стратегија тој квалитет малку да излезе надвор.
Ајде кога сме веќе кај државата. Ти спомна исто така во некое интервју или во колумна, нешто што го замислуваш како агенција за книга? Ќе ни го објасниш ли тоа? Што се крие зад таа идеја?
Тоа го има. Мислам дека во Словенија го има. Не знам дали го има и во Хрватска. Тоа е пандан на Агенцијата за филм. Значи, мора да има независно тело кое, да речеме ќе не претставува на големите саеми на книга. Франкфуртски саем, Белградски саем, не знам кој саем. Имаме ли ние стратегија како настапуваме таму? Освен со вина и сирења. Имаме ли стратегија како издавачите би влегле таму?
Ние правиме вака, Министерството вели, аха, оваа година, сега лупам, не знам кој се Арс Ламина ќе биде застапник на Македонија и она ќе направи селекција и ќе ја однесе во Франкфурт. Идната година ќе биде „Три“.
Ќе направи селекција и ќе не однесе во… Следната година ќе биде… Нема тука стратегија. Секој влегува и од него почнува. На пример, Румена Божаровска има агент и тој ја продава по светот. Тоа значи агенција. Да имаш агент кој ќе ти ги штити авторските права и кој ќе те продава и ќе се труди да одеш што подалеку во светот.
Проблемите со Грција и со Бугарија произлегуваат од нашето меѓусебно непознавање

Практично овој подем на македонскиот роман да добие некој „вокал“, на некој начин да се афирмира меѓународно…
Да, зашто сѐ е сведено на лични иницијативи на авторите. Ако авторот влегол во некои кругови, он сам си ја турка работата за себе. И успеваат луѓето и драго ми е. Еве, Румена Божаровска ја спомнав, тоа е нејзин личен успех.
Тоа не е успех на државата Македонија. Таа има свој круг луѓе, свои познанства, свој некој облак или бабл. Меѓутоа, ако не е квалитетна, не може да пројде. Значи, ако го немаш тој, импакт внатре да влезеш во тие кругови и да си квалитетен, никој нема да те види.
Добро да се надеваме дека ќе стигнеме до нешто такво. Не ни останува уште многу време. Имам уште две прашања што би сакал да ти ги поставам. Првото е поврзано со нешто што ние новинарите го дочекавме навистина со радост и со некакво очекување кое навистина ќе значи нешто многу. Тоа е доделувањето на титулата на Скопје, Европска престолнина на културата.
Меѓутоа, откога ја доби таа титула градот практично ништо се нема случено во смисла на тоа, тоа е за 2028 година, меѓутоа врз основа на искуствата на другите градови што веќе спровеле оваа манифестација, знаеме дека за тоа се потребни сериозни подготовки преку и затоа оваа титула се доделува неколку години, три-четири години пред настанот, пред годината кога треба да се одржат тие манифестации за да го претстават градот како Европска престолнина на културата.
Но досега практично нема ништо. Имаше неколку информации во јавноста за тоа дали се конституирало или не се конституирало телото што треба да ја спроведе таа програмата и да ја реализира таа програма и толку. Како гледаш ти на тоа?
Јас бев еден од ретките што бев критички расположен воопшто кон конкурирањето на Скопје за оваа титула. Нам ни звучи големо тоа „културна престолнина“. Меѓутоа еве, која културна престолнина од тие надвор од Европската Унија сега станал некој туристички центар.
Дури и оние во Европската Унија. Нови Сад беше град на културата, голема работа. Значи град на културата е добра приказна само од аспект да се земат пари од Европските фондови и да се искористат во сериозна инфраструктура.
Да се направи некоја сала, да се направи нешто. Тие пари да не отидат по корупција и по џебови нечии. Инаку, дека нешто ние ќе добиеме, нешто дополнителен квалитет или дека ќе чујат за Скопје во Европа, нема.
Град кој е престолнина на кичот, не смее ни да конкурира за оваа титула.
Град кој беше прогласен за престолнина на кичот, не смееше ни да конкурира за Европска престолнина на културата

Да, навистина беше прогласен за престолнина на кичот… Добро, и кога на крајот од ова интервју, кога зборуваме за нешто што се однесува на вредностите, пак ќе се навратам на една твоја колумна каде што ти реагираш на онаа измама што беше со бајачот кој измами некои луѓе за сериозна сума пари. Од Берово ми се чини беа луѓето.
Кога го прочитав тоа кај тебе, се сетив дека не многу одамна, пред некој месец дена, некои си поиграа со трагедијата и со чувствата на граѓаните на Кочани кога им продаваше тегли со молитви на семејствата што загубиле некој во таа трагедија.
Тоа сето говори за еден пад на вредности, за нешто што не може да се спои, после сè што поминавме, со нешто што е дваесет и првиот век.
Не знам што да ти кажам, тоа е. Не сме бадијала меѓу најнеписмените, функционално најнеписмените држави. Значи сѐ е во ерозија, од високата политика, од судството, од образованието, од здравството.
Луѓето немаат доверба во ништо. Како да кажам, нема авторитет кој нешто би ти кажал, аха ова е така, ова не е она што би требало да ти ги решава проблемите, не ги решава проблемите. И тогаш ќе се завртиш кон некој. Да пробаш ете со тој бајачот или нешто. Тоа се класични измами и тоа многу грди измами.
Јас во закон би предвидел за тој тип измами повисоки казни. Да ги фаќаш луѓето на неписменост. Тоа е како да му се потсмеваш на инвалид.
Добро Ѕвездан, ти благодарам на разговорот. До следната колумна, до следниот роман ќе очекуваме твои нови работи.
Фала, ми беше задоволство.