Ако ја следите хрониката на драмата која се одвива деновиве во Демир Хисар по редослед, добивате чувство дека гледате старо повторување на серија што одамна требаше да ја укинеме. Прво се појавува градоначалникот кој, наместо да управува со улици и канализации, решава да режира кадровски драми. Двапати се обидува да разреши директорка, двапати втор степен му ја враќа топката. Наместо да каже „добро, закон е закон“, тој ја менува сцената: во игра влегува ново в.д., па МОН мора да му ги пресече конците. И токму кога би помислиле дека претставата заврши, се крева завесата за втор чин.
Леон БАКРАЧЕСКИ
Овој втор чин почнува со репликата што во секоја пристојна држава би влегла во прирачници за што да не правите: „земете носилки“. Болна директорка, ноќна претресна романтика, и во кадар шеф на полиција што сака „информативен разговор“ веднаш, иако законот нуди 15 дена и без носилки. Не е ревносност, тоа е театарска желба за моќ. И како и во секој лош театар, сцената трае додека не се појави публиката со мобилни. Кога видеото ќе го обиколи градот, државата одеднаш се сеќава дека има „внатрешна контрола“, па истиот тој шеф станува пример за „непрофесионално и неетично однесување“. Еволуцијата од милиција на волја во полиција на закон, за 24 часа и едно соопштение. Жал што секогаш мора да оди со јавен блам.
Во меѓувреме, теренот пред гимназијата наликува на станица за пасошка контрола. Новинари со видливи легитимации се легитимираат по втор пат, им се препишуваат адреси, матични датуми и регистарски таблички. Нема телеграма, ама има порака: „знаеме кој прашува“. На такви суптилни предупредувања им велиме „процедура“, како да е нормално од јавен настан да се замине со впечаток дека репортерството е ризик-фактор. Кога контролата над наративот ќе стане поважна од суштината, тогаш наративот ја предава својата смисла.
А политичката реплика од врвот не изостанува: „веќе е сменета“. Тоа „веќе“ звучи како судска пресуда без судење, како да живееме во земја каде фејсбук-изјава е извршно решение. Во нормална архитектура на институции, премиерот би ги оставил фактите да зборуваат. Кај нас, фактите чекаат ред, а микрофонот не трпи празнина.
Суштината е здодевна, ама баш затоа е клучна: границата меѓу држава и партија повторно се брише со гума. Образованието станува штанц-машина за „наш кадар“, полицијата сценографија за „наш авторитет“, новинарите статисти на „наш медиумски ред“. Разликата меѓу правото и волјата се претвора во разлика меѓу утро и ноќ—на хартија едно, на терен друго. И тогаш сите се прашуваме зошто учениците учат дека правилата се заобиколуваат, полицајците дека сила е исто што и право, а службениците дека втор степен важи додека не се пронајде нов прв степен.
Не ни треба нова политичка волја со големи букви; ни треба стара правна држава со мали чекори и многу досада. Досадни именувања по процедура. Досадни претреси по протокол, без ноќни носилки и без јавни спектакли. Досадни медиумски покривања без блокноти со регистарски таблички. Досадни прес-конференции на кои никој не пресудува пред судот. Досадна, монотона, предвидлива нормалност.
Демир Хисар е мал пиксел на мапата, но токму ваквите пиксели го кројат големото платно. Ако на нив повторно играме „МВРО–ВМРО“ со локални шерифи, ќе добиеме држава што изгледа како силуета од друг век. А може да биде и нешто друго: место каде градоначалникот управува со инфраструктура, полицаецот со закон, директорката со училиште, а новинарот со прашања. Не е спектакуларно. Но е држава!