Грчката влада планира да воведе построги регулативи за невладините организации што работат во областа на миграцијата, со цел да ја зајакне контролата врз нивното делување и да ги ограничи организациите што се спротивставуваат на официјалната државна политика. Министерот за миграција и азил, Танос Плеврис, во септември ќе ги претстави мерките, дознава весникот Катимерини.
Според новите правила, невладини организации може да бидат избришани од официјалниот Регистар на НВО ако:
- промовираат сопствена миграциска политика што е во спротивност со владината;
- правно ги оспоруваат државните одлуки, како што се административните притвори или суспензиите на азил;
- се утврди злоупотреба на средства добиени за нивни програми.
Бришењето од регистарот не значи целосно укинување на организацијата, но ја отсекува од пристап до државните центри и прифатни капацитети за мигранти. Од создавањето на регистарот во 2020 година, само регистрирани организации – околу 100 во моментов – имаат право на официјален пристап. Исклучувањето, според министерството, практично го сведува нивното влијание на минимум.
Иако властите признаваат дека „најголемиот дел од НВО вршат добра работа“, дел од нив биле идентификувани како „антиинституционални“, советувајќи мигранти да не ги почитуваат одлуките на државата. Последните тужби на две организации, кои ја оспорија суспензијата на азилот, го забрзале процесот на заострување на регулативите.
Покрај тоа, Плеврис во септември ќе формира работна група што ќе ги ревидира критериумите за влез и останување во регистарот. Истовремено, ќе бидат спроведени финансиски ревизии на невладините организации што се корисници на европски и државни фондови, за да се утврди дали средствата се употребуваат наменски. Според извори во министерството, иницијативата има поддршка и од Кабинетот на премиерот, и е усогласена со Брисел.
Нов закон за миграција
Паралелно со овие мерки, грчкото Министерство за миграција подготвува нов законски пакет. Во него илегалната миграција ќе биде класифицирана како „кривично дело“, а ќе се укине и постојната одредба што им овозможуваше на лица без документи да добијат легален статус по седум години престој.
Законот предвидува и воведување електронски алки за следење на лицата со одбиени барања за азил, со цел нивно навремено напуштање на земјата.
За легалната миграција, владата работи на билатерални договори со земји како Египет и Бангладеш, со цел да се создадат поефикасни канали за законски влез, наместо користење нерегуларни патишта.