Дали Мицкоски конечно реши да соработува со Филипче за доброто на сите?

На само месец и половина до локалните избори, евроинтеграциите повторно се враќаат на домашниот терен – со класичен политички дуел, но и со можност за ретко потребен договор. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предложи заедничка Резолуција со „црвени линии“ за европскиот пат и најави дека документот ќе им биде понуден на сите партии оваа недела.

Анализира: Леон БАКРАЧЕСКИ

Премиерот Христијан Мицкоски возврати дека чека да го види документот и дека очекува и ВМРО-ДПМНЕ да внесе свои забелешки – со иронична забелешка дека минатите декларации на СДСМ останувале „слово на хартија“. Прашањето е: дали ова е прв сигнал за конструктивна соработка – или уште едно странично мавање во ребро на евроинтеграциските процеси пред избор на виновна страна?

Филипче тврди дека процесот „практично застанал“: нема реформски закони, нема динамика околу уставните измени, а преговорите со ЕУ се сведени на декларативни изјави. Неговиот предлог – Резолуција со прецизни „црвени линии“ – има двоен наратив: внатрешно да се ограничи политичкото маневрирање и јавно да се покаже каде стои државата ако Бугарија повторно стави вето. Опозицијата бара и јасна дипломатска офанзива, а не, како што вели Филипче, „темпиран статус кво“

Премиерот Мицкоски порача дека ќе го разгледа документот и оти власта сака да даде сопствен „импут“ – но потсети дека претходните декларации на СДСМ останувале непочитувани кога тие биле на власт. Тој и натаму ја брани линијата: уставни измени само доколку Софија однапред гарантира дека нема да отвора нови условувања во подоцнежни фази, став кој го артикулираше и по преземањето на премиерската функција.

Европскиот контекст: условот стои, часовникот чука

Од јули 2022, по првата меѓувладина конференција, Скопје влезе во скрининг-фаза, но отворањето на првите преговарачки кластери е врзано за уставни измени со кои се вметнува бугарската заедница. Оваа обврска е запишана во европските документи и редовно се повторува од Брисел. Европскиот парламент во јуни 2025 потсети дека уставните измени се неизбежен чекор, додека Комисијата – и во јавни настапи во Скопје – инсистира на кредибилен патоказ без нови билатерални изненадувања.

Во меѓувреме, дипломатската клима не помага: повеќе извештаи нотираат продолжени тензии со Софија и обиди дел од бугарските политички актери да внесат нови формулации во европските текстови – што во Скопје се чита како ризик од „поместливи цели“.

Зошто без двотретинско мнозинство нема геополитичка математика

Граѓаните веќе ја знаат аритметиката: уставните измени бараат 2/3 мнозинство (80 пратеници). Владината коалиција, избрана во јуни 2024, го има тој праг; со тоа, секоја реална европска динамика подразбира дека одговорноста е целосно во нивните раце а со тоа и одговорноста кон граѓаните и кон нивната иднина. Тоа е суштинскиот тест за зрелост зад денешната реторика.

Може ли Резолуција да биде мост?

Ако се напише мудро, заедничка Резолуција може да стане оперативен мост:

  • да ги потврди обврските од рамката со ЕУ (без дополнителни билатерални услови во недоглед),
  • да постави транспарентни чекори и рокови (реформи + уставни измени),
  • да вгради механизам за парламентарен надзор врз преговарачката позиција,
  • и да предвиди како државата ќе реагира ако повторно се појави вето – без да го самосаботира процесот со автоматска суспензија, заради дневно политички интерси (ЕУ досега испраќа пораки дека паузирањето на процесот по автоматизам би било контрапродуктивно за кредибилитетот на земјата.)

Но постои и ризик: ако Резолуцијата стане политичка „амајлија“ за дневна употреба – со тврди, неоперационализирани формулации – ќе го цементира статус квото и ќе ѝ даде алиби на секоја страна да ја обвини другата за застој.

Во таков случај, Македонија би останала заглавена меѓу домашните пресметки и европските рокови, додека соседите (Албанија, Србија, Црна Гора) си ги движат своите досиеја, со сите нивни проблеми и забавувања.

Па, дали има простор за соработка?

Сигналите денес не се негативни: Мицкоски не ја отфрли идејата за Резолуција, туку побара да ја види и да даде внес; Филипче најавува документ отворен за сите партии. Тоа е минимум за старт. Сè друго ќе зависи од мастилото во документот – дали ќе понуди механизам за де-блокада што и власта и опозицијата можат да го потпишат без да изгубат лице, или ќе биде уште една декларација за дневна употреба. За доброто на сите, токму сега им треба првото.

Зачлени се на нашиот е-билтен