Повторниот избор на кандидати за судии во Стразбур е поправен испит за правната држава

From Wikipedia, the free encyclopedia
From Wikipedia, the free encyclopedia

Оние што ќе бидат предложени за судии во Стразбур треба да уживаат највисок морален углед и да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Овие денови, денес, утре, задутре, треба да се објави новиот повик за избор на најдобрите македонски кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). И овој избор ќе треба да го помине владиниот филтер, откако неодамна пропадна првиот обид да се најде наследникот на судијата Јован Илиевски, чиј мандат истекува во февруари идната година.

Владата формираше нова комисија, откако ја поништи листата на кандидати на која се најдоа имињата на обвинителката Ристоска, судијката Гајдова и адвокатот Апостолски со образложение дека не ги исполнуваат критериумите. Кои критеруми, не објавија, што покрена бура од реакции заради нетранспарентноста на одлуката на валадата.

Новата комисија за избор на тројца кандидати за судија во судот во Стразбур минатата недела го одржа првиот состанок на кој ја утврдиле динамиката на работа и најавија дека одлуки ќе носат следниот вторник, односно денеска, на седница во Врховниот, кога ќе бидат во полн состав. Утврдено е дека ќе изберат претседател на комисијата и деловник со нови рокови, за што дискутирале и денеска, рече претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски кој е еден од петте членови, заедно со претседателите на Врховен, Кривичен Граѓански суд и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.

Договориле огласот да трае 30 дена, двојно подолго од претходниот, а планираат потоа уште еден месец за евалуација на пријавените, интервјуа и селекција на тројцата кандидати кои ќе патуваат до експертскиот Панел при Советот на Европа. Костадиновски рече дека е оптимист дека целата процедура ќе заврши во роковите.

Долг и сложен процес

Рацин.мк разговараше со судии и познавачи на процесот на избор на национални судии во Европскиот суд за човекови права и сите се согласуваат дека тое е прилично долг и сложен процес.

Меморандумот SG-AS (2025) 01, донесен од Парламентарното собрание на Советот на Европа дава подетално појаснување за самиот процес и за условите кои еден кандидат би требал да ги исполнува за оваа позиција. Задача на државите е преку јавен, објективен и транспарентен процес на селекција, земајќи ги предвид наведените предуслови, да поднесе листа од тројца најдобри кандидати, првенствено до првиот филтер кој е Советодавниот панел како експертско тело. Како што се наведува, “квалитетот на националната процедура за селекција е од круцијална важност за исходот на целиот процес“. Советодавниот панел ги разгледува биографиите на кандидатите и по потреба може да поставува прашања до владата. Во случај панелот да смета дека најмалку еден, а може и повеќе, од предложените лица не ги исполнува бараните услови, може да ја врати листата, придружена со соодветно образложение.

Од владата се очекува да ги замени предложените кандидати кои не ги исполнуваат критериумите со други лица.

Откако листата ќе го помине овој филтер, следи интервју на кандидатите со Комисијата за избор на судии, која е тело на Парламентарното собрание и која финално му предлага кое лице би требало да биде избрано за судија.

Услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите коишто ќе бидат предложени и кои ќе треба да го поминат првиот филтер во Стразбур, Советодавниот панел како експертско тело, се извлечени од Европската конвенцијата за човекови права (член 21).

Високи критериуми

Делот на конвенцијата каде што се утврдените тие критериуми, наложува дека судиите треба да уживаат највисок морален углед и да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност. Оваа одредба подетално е објаснета во Насоките за селекција на кандидатите за позицијата судија во ЕСЧП, донесени од Советодавниот панел.

Нашите соговорници велат дека освен моралниот углед, пожелно е кандидатите да доаѓаат од највисоки позиции во правосудството – поранешни или актуелни судии на врховните или уставните судови, да поседуваат зрело професионално искуство и недвојбени квалификации за остварување на висока меѓународна судска функција. Овој услов би можел да се примени и за судии на апелационите судови, ако тие имаат “зрело професионално искуство“ и биографија во која се наведени бројни научни трудови. Важна компонента претставува и знаењето и искуството особено во областа на човековите права, во практиката или пак преку активизам во граѓанските организации.

Понатаму, за избор на судии во Стразбур, се препорачуваат и лица кои се „правни стручњаци со призната компетентност“, односно правни експерти од академската средина, кои имаат екстензивно искуство и зрелост во практикувањето и теоретската работа, како и важни академски трудови со особен акцент на човековите права. Прифатлива е и комбинација на судиско и академско искуство ако взаемно го исполнуваат условот “правен стручњак со призната компетентност“.

Овие критериуми не исклучуваат и други правни професионалци, но кои изградиле особена професионална зрелост, длабочина и блискост со теми поврзани со човековите права.

Советодавниот панел во насоките, од нивната досегашна разбота, наведува дека иако некои кандидати биле одлични практичари, експерти или универзитетски кадар, не ја поседувале потребната должина или длабочина на искуството кои се бараат.

По однос на познавањето на странски јазик (англиски или француски), иако од страна на Судот не се бара формален сертификат, сепак се бара како апсолутен минимум кандидатот да има солидно познавање на еден од двата јазика и исто така да поседува најмалку пасивно познавање на вториот јазик. Ова, за обата јазици го верификува преку интервјуто и комисијата за селекција во државата, но и Комисијата за избор на судии која финално одлучува.

Во однос на родовиот баланс, со цел да се постигне подобра родова претставеност во ЕСЧП, се бара предлог-листата да има најмалку еден маж и една жена. Но, се прифаќа и листа составена од лица од еден пол, кога кандидатите припаѓаат на полот кој е потпретставен во судот (се подразбира дека ова се однесува на женскиот пол).

Кога листата на кандидати ќе го помине филтерот на Советодавниот панел, следи интервјуто кое се спроведува од страна на Комисијата за избор на судии на ЕСЧП. Можно е да се случи Комисијата да не е задоволна од остварените интервјуа и да ја одбие листата во целост, по што односната држава треба да ја повтори целата постапка. Како пример, во периодот 2021-2024 листата на Полска била трипати одбиена, по што четвртиот пат бил успешен, како и на Србија – листата одбиена 2023 и успешна во 2024. Исто така, листите на Словачката Република (2025) и Кипар (2024) се одбиени, по што треба да се повтори целата постапка.

Зачлени се на нашиот е-билтен