Аеродром пред избор: ветувања на хартија или нов старт

Три дена пред 19 октомври, најгусто населената и една од најмладите општини во земјата повторно ја мери политиката преку најобични, мерливи работи: колку зелена површина навистина е изграденa, колку паркови се завршени до крај, дали има доволно места во градинки, каков е урбаниот ред и дали општинската администрација функционира како услужен сервис. Пописните податоци и официјалните бројки велат дека во Аеродром живеат 77.735 жители, со 27.895 домаќинства—општина што расте, подмладува и логично бара повеќе инфраструктура, повеќе сервиси и повеќе визија.

Носител на наследството од изминатите четири години е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески—човекот кој по заминувањето на Тимчо Муцунски во Владата во 2024 ја презеде општината како в.д. градоначалник. Во кампањата Митески ја брани идејата за континуитет и тврди дека Аеродром „може да остане зелена и мирна општина“, дека ветувањата се реализираат и дека на жителите им се испорачува стабилност. Факт е дека институционалниот премин од Муцунски кон Митески беше формален и најавен како „непречено продолжување на проектите“. Но, токму по таа линија денес се мери и одговорноста: ако континуитетот бил силата—зошто најгласните ветувања останаа на хартија или се заглавија во „финални фази“ без јасен крај?

Screenshot

Во 2021, Тимчо Муцунски ветуваше 100.000 квадратни метри ново зеленило и „зелена општина“. Дел од тој наратив го наследи и го продолжи Митески. Денес, опозициските гласови прашуваат каде се тие 100.000 м². СДСМ на прес-конференции тврди: „четири години—без ниту еден нов парк“, потсетувајќи на замислени содржини како парк „Радост“ во Реонски центар, нов парк кај касарната „Гоце Делчев“ и содржински парк во Ново Лисиче, кои или каснат, или стојат далеку од првично најавените рокови. Ова се политички тврдења и така треба да се читaт; но тежината им доаѓа од јавно документираната стартна линија—ветувањето за 100.000 м²—и од видливата реалност на терен.

„Радост“, најекспонираниот пример, најдобро го објаснува проблемот со роковите. Во интервјуа во 2023–2024 локалната власт уверуваше дека паркот „ќе биде за пролет 2024“; службените објави во 2025 велат „во завршна фаза“. За жителите, преводот е прост: пролет дојде и помина, а финалето сè уште се најавува. Ако ова е флагшип-зелениот проект, што значи тоа за „големата бројка“ од 100.000 м²?

Ова не е изолиран случај. Факт-проверувачите веќе нотираа неисполнети „зелени“ ветувања од муцунскиевата програма—на пример идејата за „зелени кули за нула смог“, концепт кој остана нереализиран според одговорите што самата општина ги дала на новинарски прашања. Во истата линија се и ветувањата за мрежа „пет-паркови“ и паметни урбани решенија што на хартија изгледаа модерно, а во пракса се ретки или делумни. Да, локалната власт периодично коментира „нови зелени површини во Стар Аеродром“ и „напредок на неколку локации“, но клучното, големо ветување од 2021 е мерка според која граѓаните со право пресметуваат колку е направено.

Митески во последните интервјуа инсистира дека е „покажано како се води општина и како се реализираат ветени проекти“. И тука се отвора суштинската дилема за 19 октомври: дали Аеродром доби ефективно управување што се познава по завршени проекти во рок—или доби макета на иднината што предолго се црта? Во изборна недела тоа не може да се „прискокне“ со општи говори. Граѓаните на Аеродром не се публика за симболика—тие се клиенти на услуга која мора да работи: трајно зелени појаси, уредени пешачки рути, здрава мрежа на градинки, чист урбан пејзаж и отчетна администрација.

На другата страна од билансот е доктор Александар Трајановски, кандидатот на СДСМ. Неговата кампања е градена повеќе како менаџерски предлог отколку како политички спектакл: оперативни приоритети со рокови и метрики за ефект. Во прв план ги става младите (младински совет, фонд и стратегија), капацитетите во детските градинки (две нови градинки и проширување на постојните), како и еден „симболичен“ но суштински потег—конечно сопствена општинска зграда, за администрација што две децении работи како подстанар и троши јавни пари на кирија. Овој пакет е комунициран преку медиумски настапи и партиски изјави, но клучниот тест ќе биде претворањето во календар на изведба и буџетска конструкција што може да се верификува квартално.

Трајановски го вкрстува „зеленото“ не преку мегалитски ветувања, туку преку санитарниот минимум што денес недостига: чистота, урбана хигиена, мерливи индикатори за квалитет на воздух и систем за отпад кој не остава маалски „џунгли“. Во подкаст-разговор со активисти за загадување тој јасно ја поврза еколошката дебата со здравјето („живот без канцери“), што во урбан контекст е порака со практичен превод—чистење, одржување, казнена политика, јавни набавки за сервис, не за ПР. Додајте тука и програмскиот приоритет на јавни простори—културни и спортски места каде млад човек „живее, не преживува“—и добивате план што барем амбиционира да ја врзе демографијата на Аеродром со инфраструктурата која ѝ треба.

Што луѓето во Аеродром реално гласаат во недела? Не гласаат за еден слоган против друг, туку за стил на управување. Континуитетот на Митески би имал смисла ако клучните „знаци на патот“ беа завршени и мерливи: 100.000 м² ново зеленило не се егзотика—тоа се карти на терен и косилки во парк. „Радост“ треба да е парк, не вечно „финална фаза“. „Зелени кули за нула смог“ не се брошура, туку системски урбанистички чин. Ако тој континуитет не го покажа тоа до 2025, математика е дека тешко ќе го покаже по втор пат.

Ако, пак, Аеродром избере менаџерска промена, тогаш тежината паѓа врз Трајановски: да испорача квартален ритам на завршување, да ја отвори општината со јавно видливи метрики (места во градинки, нови квадратни метри зеленило, број на реконструирани игралишта/тротоари, време за одговор на пријава) и да го навикне системот на дисциплина. Тоа е причината зошто оваа трка се чита и како гласање за алатки, не за боја: календар, буџет, KPI-и, јавни набавки, отчет. Во општина со најмногу домаќинства, најмногу станови и млад профил—ова не е „луксуз“, туку нормала што предолго ја чекаме.

Времето за еуфемизми помина. Аеродром расте побрзо од изборните слогани и има право на градоначалник кој ќе „собере“ прост план и ќе го врзе за календар што не се поместува со прес-конференција. Изборот е јасен: нов четиригодишен пробен рок за континуитет што веќе го видовме, или свежи менаџерски ножици што ќе сечат низ црвена лента и низ изговори. Аеродром е млад; младите заслужуваат општина што работи на време.

Зачлени се на нашиот е-билтен