Меѓународниот фактор во земјата внимателно го следи процесот за изборот на судии како претставници во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и за нив ова е поправен испит за демократијата во земјата и за капацитетите на институциите после кој нема втор.
Ова е оценката на изворите на Рацин.мк околу мониторингот на изборот на тројца кандидати што Северна Македонија треба да ги предложи откако вчера започнаа и се одржаа интервјуата со 11 кандидати кои го поминаа првиот филтер на национално ниво.
Станува збор за 11 кандидати, како Оља Ристова, Тони Менкиновски, Наташа Габер-Дамјановска, Јордан Апостолски, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исеини, Јелена Ристиќ, Сашо Георгиевски, Наташа Бошкова и Ана Дангова-Хуг.
Шанса да ја продолжат постапката ќе имаат тројца кандидати чии имиња, биографии и мислења на комисијата ќе бидат испратени на адреса на ЕСЧП во Стразбур пред Советодавниот панел на Советот на Европа.
Откако листата ќе го помине овој филтер, следи интервју на кандидатите со Комисијата за избор на судии, која е тело на Парламентарното собрание и која финално му предлага на судот кое лице би требало да биде избрано за судија.
Поучени од претходниот поништен национален избор, а со намера да покажат поголема транспарентност и непристрасност во постапката, Комисијата за избор што ја предводи претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на интервјуата покани претставници од Коалицијата „Сите за правично судење“ и од „Македонско здружение на млади правници“.
Првиот тест беше проверката на судир на интереси врз основа на претставките упатени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и за два приговора пристигнати до Комисијата.
Епилогот на оваа проверка бргу беше донесен и соопштен во известувањето на комисијата до јавноста.
„Претседателот на Комисијата, Дарко Костадиновски ги извести членовите за двете претставки упатени до ДКСК за потенцијален судир на интереси меѓу него и еден од кандидатите од селектираната листа за интервјуа, за што рече дека дознал од медиумите, како и за двете претставки упатени до Комисијата. По образложение на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност, ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Дарко Костадиновски не беше прифатен од членовите на Комисијата“, беше наведено соопштението од Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСЧП.
Како на ова ќе гледаат набљудувачите на овој процес од меѓународната заедница, останува да се види, како и да се види дали ќе се испочитуваат услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите коишто ќе бидат предложени и кои ќе треба да го поминат првиот филтер во Стразбур.
Високи критериуми
Критериумите се јасно одредени во Европската конвенцијата за човекови права (член 21). Делот на конвенцијата каде што се утврдените тие критериуми, наложува дека судиите треба да уживаат највисок морален углед и да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност. Оваа одредба подетално е објаснета во Насоките за селекција на кандидатите за позицијата судија во ЕСЧП, донесени од Советодавниот панел.
Нашите соговорници велат дека освен моралниот углед, пожелно е кандидатите да доаѓаат од највисоки позиции во правосудството – поранешни или актуелни судии на врховните или уставните судови, да поседуваат зрело професионално искуство и недвојбени квалификации за остварување на висока меѓународна судска функција. Овој услов би можел да се примени и за судии на апелационите судови, ако тие имаат “зрело професионално искуство“ и биографија во која се наведени бројни научни трудови. Важна компонента претставува и знаењето и искуството особено во областа на човековите права, во практиката или пак преку активизам во граѓанските организации.
Понатаму, за избор на судии во Стразбур, се препорачуваат и лица кои се „правни стручњаци со призната компетентност“, односно правни експерти од академската средина, кои имаат екстензивно искуство и зрелост во практикувањето и теоретската работа, како и важни академски трудови со особен акцент на човековите права. Прифатлива е и комбинација на судиско и академско искуство ако взаемно го исполнуваат условот “правен стручњак со призната компетентност“.
Овие критериуми не исклучуваат и други правни професионалци, но кои изградиле особена професионална зрелост, длабочина и блискост со теми поврзани со човековите права.
Советодавниот панел во насоките, од нивната досегашна разбота, наведува дека иако некои кандидати биле одлични практичари, експерти или универзитетски кадар, не ја поседувале потребната должина или длабочина на искуството кои се бараат.
По однос на познавањето на странски јазик (англиски или француски), иако од страна на Судот не се бара формален сертификат, сепак се бара како апсолутен минимум кандидатот да има солидно познавање на еден од двата јазика и исто така да поседува најмалку пасивно познавање на вториот јазик. Ова, за обата јазици го верификува преку интервјуто и комисијата за селекција во државата, но и Комисијата за избор на судии која финално одлучува.
Во однос на родовиот баланс, со цел да се постигне подобра родова претставеност во ЕСЧП, се бара предлог-листата да има најмалку еден маж и една жена. Но, се прифаќа и листа составена од лица од еден пол, кога кандидатите припаѓаат на полот кој е потпретставен во судот (се подразбира дека ова се однесува на женскиот пол).
Кога листата на кандидати ќе го помине филтерот на Советодавниот панел, следи интервјуто кое се спроведува од страна на Комисијата за избор на судии на ЕСЧП. Можно е да се случи Комисијата да не е задоволна од остварените интервјуа и да ја одбие листата во целост, по што односната држава треба да ја повтори целата постапка. Како пример, во периодот 2021-2024 листата на Полска била трипати одбиена, по што четвртиот пат бил успешен, како и на Србија – листата одбиена 2023 и успешна во 2024. Исто така, листите на Словачката Република (2025) и Кипар (2024) се одбиени, по што треба да се повтори целата постапка.