Тврдоглавата влада и проширувањето на ЕУ

Тврдоглавата влада и проширувањето на ЕУ. Звучи како наслов за приказна за мали деца, но последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во процесот на интегрирање со европските стандарди со генералната оценка дека земјата стагнира во повеќе кластери, се „заканува“ да го направи членството навистина само во приказна за раскажување, или уште полошо во студија на случај.

Комесарките најнепосредно задолжени за проширување и за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Марта Кос и Каја Калас, многу јасно ги издвоија Црна Гора и Албанија во регионот, и Молдавија и Украина во југоисточна Европа како најсериозни кандидати за следното проширување.

Северна Македонија, до пред две години лидер во реформите и во напредокот на Западен Балкан, веќе и не се споменува на начин на кој бевме навикнати до пред две години, особено кога беше направен пробивот со Меѓувладина седница од преговарачкиот процес во јули 2022 година и со успешно завршениот скрининг во декември 2023 година.

Стагнација на напредокот

Македонија сега е во групата во која се Србија и Босна и Херцеговина. Оценката на еврокомесарката за проширување Марта Кос за овие три земји рече дека не прават доволно за да одат напред. Конкретно за Македонија таа само повтори дека земјата не презела одлучувачки чекори за да ги спроведе уставните измени  и да ги продолжи преговорите за членство, истакнувајќи паралелно дека работи технички на Реформската агенда и дека е стопроцентно усогласена со надворешната политика на Унијата. 

Нема напредок во делот на реформи во правосудството и темелните права (клучното поглавје 23). Генералната независност и финансиска автономија на правосудството се поткопани (подриени) со вмешување и притисок од другите гранки на власта, вклулувајќи и обидите на Собранието да изврши притисок врз членови на Судскиот совет да поднесат оставки, како и ограничените финансиски средства кои се доделени на судството. Недостатокот на човечки ресурси во правосудството се загрижувачки затоа што влијае на квалитетот и ефикасноста на судскиот систем.

Нема напредок ниту во борбата против корупцијата според ЕК. Корупцијата останува доминантна во многу области и претставува предмет на сериозна загриженост. Трагедијата во Кочани од 16 март 2025 година разоткри долготрајни системски слабости преку анти-корупциски мерки. Мерките за превенција и репресија на корупцијата треба да се зајакнат, порачуваат од ЕУ.

Обвинението против Претседателката на ДКСК го доведе под прашање кредибилитетот на оваа институција. ДКСК мора да земе проактивна улога во утврдување на насоките за превенција на корупцијата, откривање и пријавување на случаи на корупција, како и надгледување на финансирањето на изборните кампањи и проверката на имотните пријави на јавните функционери. Јавното обвинителство треба да зајакне кадровски во истражните центри и да ја подобри ефикасноста во работата на случаите на висока корупција кои често доцнат и доспеваат застареност, што сериозно влијае на падот на јавната доверба во судството.

Во делот на медиумските слободи, Европската комисија укажува на ограничен напредок, препорачувајќи измена на законската рамка за медиуми особено во делот на транспарентност на сопственоста на медиумите, распределбата на јавните пари на приватни медиуми како и заштитата на правата од интелектуална сопственост. Во овој дел се коментира и потребата од стратегија за реформа на МРТВ, како и потребата од зајакнување на системот за заштита на новинарите од закани и насилни напади како и навремено соочување на сторителите со лицето на правдата.

Сериозна критика на ЕК има и во делот на економските критериуми. Во тој дел ЕК утврдува дека Владата нема напредок во клучните реформи поврзани си економските критериуми. Владата доцни со плановите за фискалната консолидација и ги одложи сите планови за имплементација на Законот за органски буџет која требаше да започне во 2025. Владата не изразила интерес за последната транша на Макро-финансиската поддршка од ЕУ која е поврзана со правење неопходни реформи, а претставува неповратна финансиска помош.

Тврдоглавата влада

И на сето ова укажување на ЕУ, македонскиот премиер од Брисел вели „апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции“. Со тоа тој ја закова нашата позиција во втората група земји кандидати со голема опасност Македонија да се „слизне“ и во третата група заедно со Грузија, за која оценката е најстрога – „сериозно демократско уназадување“ што ја остава државата кандидат „само на хартија“, со повик властите итно да го сменат курсот.

За дел од аналитичарите во Македонија, извештајот на ЕУ за Македонија во кој се констатира стагнација не е ништо неочекувано.

Извештајот ја отсликува состојбата којашто ја знаеме, дека Македонија во поглед на приклучуваење во ЕУ стои во место, изјави за Рацин.мк универзитетскиот професор д-р Ванчо Узонов.               

– Нас претседателката на ЕК фон дер Лајен фино ни рече „топката е во вашиот двор“, а владата вика, „добро, ние ќе продолжиме да си тапкаме во место бидејќи така избираме“. Така избира владата. Тоа значи дека Владата избра да стои во место, а во денешно време стоење во место значи одење назад, затоа што за одење напред треба да се трча. Денес треба да трчаш за да стоиш во место, а многу да трчаш за да одиш напред. Тоа е најтрагичната оценка за еден таков избор на владата. И тоа го констатира и извештајот на ЕК, вели за Рацин.мк Ванчо Узунов.

Искусниот новинар Зоран Иванов во својот запис за епилогот од извештајот на ЕУ вели „евидентно е дека ЕУ нѐ отфикари“.

„ЕУ покажа дека ако за ништо друго туку за својата совест, ќе си типува на две други држави од регионов. Си манифестирше искреност и потврда за ветувањата за ЕУ проширувањето со земји и од ова каливо парче од Балканот. Македонија во тоа ја нема. Пак ја нема. Македонија северна, под принуда ама и по сопствен избор, и натаму си останува настрана од ЕУ“, посочува Иванов.

Сопствениот избор на Македонија, односно на актуелната Влада носи и други последици: За непознато долго време нашата држава со овие еу политики се откажува од огромните финансиски фондови кои ги помагаат реформите и оставарувањето на европските стандарди.

Изгубени можности

Колку се тие значаен поттик за остварување на реформите и за постигнување на еу стандардите говори вчерашниот извештат на Евростат кој излезе со податоците дека Бугарија го зголемила БДП-то по глава на жител за 600% од денот кога стана членка на ЕУ. Романија за 638%, што ги прави овие, некогаш најсиромашни земји членки на ЕУ, држави со најголен раст во споредба со останатите членки на ЕУ каде што просечниот раст на БДП во последните 20 години изнесува 188%.

Со членството во ЕУ БДП-то по глава на жител во Бугарија порасна за 600%

Во однос на ова треба да се потсетиме и на изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој посочува дека 12-те години членство во ЕУ, Хрватска ја направија економски посилна, поотпорна и подобро поврзана, со 16,7 милијарди евра од фондовите на ЕУ.

Хрватска станува една од најбогатите земји во ЕУ

Ванчо Узунот вели дека финансиските интервенции на земјите кои последни станаа членки на ЕУ, како Бугарија и Романија, им овозможија многу брзо да напредуваат и да трчаат напред дури и побрзо од просекот на ЕУ и така да го намалат јазот во однос на европскиот стандард.

Узунов вели дека тоа е првиот аспект: Македонија ги губи тие пари, сама се откажува од нив. Од друго место нема пари, што значи одлучила да назадува.

„Вториот аспект, што за мене е исто така трагичен, е што Македонија одлучува дека нема да ги прави реформите коишто се потребни за да се подобрува животот на граѓаните и условите за развој на економијата. Тоа значи дека ние намаме перспектива и Владата не сака да каже во која насока ја тера Македонија, а граѓаните на избори и дадоа право да ја води државата. Значи свесно сме одлучиле да останеме заостаната држава и да не се чудиме кога младите си заминуваат од неа“, предупредува универзитетскиот професор Узунов.

„Не знаеме кога владата ќе се сети дека ова што го прави е злочин, ама кога-тогаш ќе се сети“, оценува тој.

Во однос на изјавата на Мицкоски во Брисел дека апсолутно ги повторил единствени позиции на неговата влада, Узунов вели дека тoа значи дека граѓаните на Македонија нема на што да се надеваат во догледно време.

„Во догледна иднина да не очекувајте ништо подобро“, тоа е пораката на Мицкоски, според Ванчо Узунов. 

  

Зачлени се на нашиот е-билтен