Во Европскиот парламент во Брисел беше промовирана публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“, која ја истакнува важноста на демократските вредности, дигиталната медиумска писменост, образованието и граѓанското учество, како ефикасни алатки за справување со негативните трендови и зајакнување на проевропското расположение кај младите.
Во обраќање на промоцијата, словенечката европратеничка Ирена Јовева истакна дека подолго време слушаме оти иднината на регионот на Западниот Балкан е во ЕУ, но се добива впечаток дека тоа стана фраза што се повторува премногу често.
– Кога некој од регионот ќе ми каже „знаеме дека нашата иднина е во Европската Унија“, целосно ги разбирам кога додаваат, но „не знаеме дали припаѓаме таму“. Ова прашање не тера сите да застанеме и да се замислиме. Тоа можеби звучи цинично, но е искрено прашање, истакна Јовева.
Според неа, кога станува збор за пристапниот процес, Брисел генерално се крие зад, помалку или повеќе, внимателно избрани или софистицирани термини, како замор од проширувањето, институционална сложеност или внатрешни реформи и сите тие се извонредно ефикасни за да се објасни зошто работите не се движат побрзо.
– Патем, се согласувам дека ни се потребни внатрешни реформи, но исто така мислам дека тие можат да одат „рака под рака“ со процесот на проширување, додаде Јовева.
Таа истакна дека ЕУ со својата неконзистентност предизвика стагнација, наместо да поттикнува напредок и тера многумина во регионот да се запрашаат дали пристапниот процес има јасна насока и дали некогаш ќе доведе до целта.

– Комбинацијата на политички неуспеси и политичка кратковидост ја поткопа довербата во ЕУ и го поттикна евроскептицизмот за кој говориме денеска, смета Јовева.
Според неа, точно е дека ЕУ не секогаш ги исполнува своите ветување и тоа е факт, но исто така е точно и дека внатрешните предизвици во регионот, вклучително и во земјава, не го олеснуваат пристапниот процес.
– Многу често политичките лидери запаѓаат во политички конфронтации и калкулации, наместо да се соочат со неопходните длабоки структурни проблеми што ги тераат младите луѓе да бараат подобра иднина некаде надвор. Корупцијата не попушта, јавните ресурси премногу лесно доаѓаат до одредени мрежи, а јавните институции им служат на моќните, наместо на немоќните, додаде Јовева.
Таа истакна дека во основа војната во Украина на најболен и најтрагичен начин не потсети дека проширувањето не е само технички процес, туку дека е геополитичка неопходност.
– (Војната) го донесе толку очекуваниот нов моментум и ја промени реториката, но со секоја измината година, дистанцата меѓу зборовите и делата само се зголемува и се потешко и потешко е тоа што се случува во Брисел да се оправда пред луѓето од Западниот Балкан, но исто така и пред македонската држава, рече Јовева.
Оттаму, според неа, некои од резултатите изнесени во публикацијата за младинскиот евроскептицизам, не се изненадувачки, затоа што повеќето луѓе од регионот, и тоа не само младите, на Европската Унија се уште гледаат како на простор за можности, слобода и правда, што не е спорно, но речиси половина од нив се сомневаат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ.

– Тоа не е само статистика, туку јасен сигнал дека навистина е неопходна акција и од европските институции и од националните власти, потенцира Јовева.
Таа додаде дека како некој кој има македонски корени ќе продолжи да се однесува како искрен пријател кон земјава и кон целиот регион на Западниот Балкан и ќе работи на идејата за обединета Европа.
– Верувам дека регионот, а посебно македонската држава, ќе го добијат она што го заслужуваат и ќе станат дел од европското семејство, додаде Јовева.
Претседателот на Извршниот одбор на бриселскиот Европски центар за извонредност (ЕЦЕ), Александар Ивановски, истакна дека истражувањето во рамки на публикацијата покажува оти 46 отсто од младите сметаат дека земјава никогаш нема да и се приклучи на ЕУ.
– Мислам дека оваа бројка е разочарувачка . Но, од друга страна, според истражувањето, 40 отсто од младите веруваат дека тоа ќе случи. Така што сликата не е толку црна, додаде Ивановски.
Ова, според него, не значи дека младите ја отфрлаат идејата за Европа, но се прашуваат дали таа некогаш ќе се реализира, за што обврска имаат и земјите кандидати за членство, но и Брисел.

Според Ивановски, постојат три важни аспекти за справување со евроскептицизмот и тоа се видливи резултати од можностите што ги нуди ЕУ, вклучување на младите во спроведувањето на реформите и промена на негативниот наратив со позитивен.
– Со тоа младите Македонци повеќе нема да се прашуваат што ЕУ прави за нив, туку што тие да прават со можностите што им се нудат, како дигиталните вештини, зелената транзиција и работните места, рече Ивановски.
Тој посочи дека при презентацијата на извештаите за проширувањето во средата беше спомената можноста за „постепена интеграција“ со што граѓаните и пред се младите ќе можат да почувствуваат придобивки од заедничкиот пазар и европските фондови уште пред зачленувањето.
– Ова може да ја трансформира приказната од чекање за зачленување, во користење на бенефициите и пред членството во ЕУ. Тоа е нешто многу видливо и создава заштита против евроскептицизмот и обидите на злонамерните актери за раздор и поделби на општеството, рече Ивановски, додавајќи дека најдобри резултати против евроскептицизмот ќе се постигнат со намалување на јазот меѓу очекувањата и остварувањата.
Директорот за политика и комуникации при ЕЦЕ и коавтор на публикацијата, Бојан Кордалов нагласи дека замислата на денешната презентација е да се говори за решенија и за можности како да се променат работите, а не само да се посочува кои се проблемите и предизвиците со кои се соочуваме.
– Треба да се осврнеме на можности, како да го надмине проблемот, како да го решиме и како да ја зајакнеме довербата на младите во европската политика, што е особено важно за земјите кандидати за членство, додаде Кордалов.

Проектот „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“ го реализираа Европскиот центар за извонредност од Брисел во соработка со фондацијата „Фридрих Науман“ и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) од Скопје.
Според Кордалов, целта на проектот е да се согледа реалната состојба со евроскептицизмот кај младите, како целна група, но пред се да се детектираат и најдат начини како заеднички во соработка помеѓу европските и македонските институции да се направи чекор напред во вклучувањето на младите луѓе во поддршката на европската интеграција, преку истакнување на нивните потреби и очекувања.
– Во рамките на проектот досега беше реализирано истражување во кое учествуваа над 1.000 млади луѓе преку најголемата македонска младинска платформа Студентарија.мк. Изработивме и Публикација што ја промовиравме денеска и која пред се има за цел да даде препораки, предлози и активности што можат да ги преземат националните и европските институции за вклучување на младите, изјави Корадлов за МИА.
Тој додаде дека во рамките проектот била организирана и јавна расправа во Европскиот парламент во соработка со европратеничката Јовева, која, како што рече, го разбира контекстот и постојано се труди да даде поддршка за интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
– Останува уште една активност во текот на оваа година, а тоа е промоција на публикацијата на македонски јазик во Скопје, која е предвидена за кон крајот на месецов. Очекуваме публикацијата да биде презентирана пред дел од пратениците во Парламентот и пред граѓанскиот и младинскиот сектор во земјата и да биде испратена до владините институции и претставници, додаде Кордалов.

