Како се даваат гаранции во политика, без разлика дали е домашна или меѓународна? Што е разлика меѓу ветување и гаранција? Има ли до сега било кој политичар од ДПМНЕ или нивната партија издадено гаранција за било што? Освен мениците што ги потпишуваа нивните чкленови во пратијата како гаранција за нивната лојалност.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Уште не се затворени последните страници од досега најкритичкиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, а министерот за надворешни работи побрза да ги повтори истите „мантри“ што ги слушаме веќе 18 месеци од владеењето на актуелната влада.
„Ние како Влада отворено тоа што го зборуваме пред граѓаните и тоа што чувствуваме дека е став на нашиот народ го пренесуваме и во Брисел. Така се изградени и нашите позиции. Не е само прашањето на уставни измени, прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред.“
Ова го вели Тимчо Муцунски како да воопшто не му е јасно дека ова континуирано барање гаранции ја стави Северна Македонија во третата група земји кандидати за членство во ЕУ, заедно со Србија и Босна и Херцеговина. Убаво балканско друштво. Веќе не е ниту западнобалканско, затоа што Црна Гора и Албанија до 2027 година ќе ги завршат преговорите, по што, најверојатно до 2030, а можеби и побргу. ќе следува нивната аксесија во ЕУ.
Северна Македонија, до пред две години лидерот во евроинтеграциите во регионот, ќе остане да ги чека гаранциите.
Барем Муцунски и Мицкоски да објаснат какви гаранции очекуваат. Во кој формат? Тоа веројатно нема никогаш да го дочекаме од нив, затоа што ни самите не знаат какви се тие гаранции. Еве, за да му биде појасно на народот во Македонија, нека одговорат на овие прашања:
Како се даваат гаранции во политика, без разлика дали е домашна или меѓународна? Што е разлика меѓу ветување и гаранција? Што е коренот на зборот гаранција (сигурно, осигурено)?
Ако е такво нешто можно, може ли народот во Македонија, кога ќе завршат изборите, за ветувањата за време на изборната кампања, да дадат гаранции? Како правен акт. Може Муцунски или Мицкоски да издадат, да потпишат, да верифицираат таков облик на правен акт?
Има ли до сега било кој политичар од ДПМНЕ или нивната партија издадено гаранција за било што? Освен мениците што ги потпишуваа нивните чкленови во пратијата како гаранција за нивната лојалност.
Звучи апсурдно и бесмислено, како што е и нивното инситирање на ЕУ гаранции за спорот со Бугарија, иако во неколку наврати и во Скопје и во Брисел, и бугарските и европските политичари им порачуваа: Усвојте ги уставните измени, влезете во клубот, учествувајте во процесите од внатре…
Но, тие пораки наидуваа на глуви уши. Како и сега, и тоа е очигледно според изјавата на Муцунски, а и онаа на Мицкоски во Брисел од пред да дена кога рече „ „апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции“.
Оттаму, веќе станува сосема јасно дека оваа влада е антиевропска и дека „гаранциите“ се валута само за домашна употреба. Да се билда рејтингот и да се покриваат сите заостанувања кои многу прецизно се нотирани во извештајот на ЕУ.
И во Брисел постои перцепција дека Владата го користи процесот како средство за домашна политичка консолидација, а не како приоритет.
Овој пристап може да се оцени како ризичен бидејќи, веќе е сосема јасно дека ЕУ нема намера да ја менува рамката. Одлагањето носи ризик од губење на кредибилитетот и губење на поддршката од клучни земји-членки.
„Пимплањето“ со времето, односно одложување без јасен рок и стратегија, носи сериозни стратешки ризици, не само за Македонија туку и за општиот европски ентузијазам за проширување. Земјите-членки ја очекуваат сериозноста на кандидатите – не трпеливост во бесконечност.
Тие бараат: сериозност, институционална стабилност, правна предвидливост, но и политичка волја да се исполнат зацртаните чекори – вклучително и непопуларните. Ако некоја земја, во случајот Македонија покажува дека „игра на време“, поддршката за неа може да премине во „заситеност“ или „замор“.
На крајот Брисел може да ја прочита оваа „игра“ како сигнал дека оваа влада нема намера да го искористи прозорецот на можноста. Тогаш нема да биде за чудење ако некои европски влади може да речат: “Ако тие не сакаат – зошто да инсистираме ние?”
Очигледнио е дека владата на ВМРО ДПМНЕ е на пат да ја “заглави” Македонија на патот кон ЕУ барајќи гаранции за “вистината” за Македонија? Зашто е очигледно дека барањето за „гаранции“ е за домашна употреба, а надвор од границите на земјата, тое е практично неодржливо.

