На денешен ден, 7 ноември, во 1947 година, Во Горна Џумаја (денешен Благоевград) во Бугарија со изведувањето на пиесата „Печалбари“ од македонскиот писател Антон Панов официјално ја започнал својата дејност Обласниот македонски народен театар. Тоа бил прв македонски професионален драмски ансамбл не само во споменатиот град, туку и во Пиринска Македонија. Театарот претставите ги играл на македонски литературен јазик.
Обласниот македонски народен театар имал огромно значење за зацврстувањето на македонската национална свест кај Македонците во Пиринска Македонија.
Прв уметнички директор, драматург и режисер бил од 1947 до 1948 бил нашиот истакна театарски деец Илија Милчин.
Историските записи сведочат дека на тогашно свечено отворање на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја присуствувале, покрај претставниците на општествено-политичкиот и културен живот од Областа, и гости од НР Македонија, како и претставници на Националниот комитет на ОФ и Сојузот на артистите на Бугарија. Претседателот на Обласниот комитет на Отечествениот фронт Георги Мадолев со пригодни зборови го поздравил отворањето на театарот. Весникот „Пиринско дело” од 20 ноември 1947 година, објавил извадоци од поздравните говори на македонски јазик.
Останува запишано дека Георги Мадолев при отварањето на „Обласниот македонски народен театар“ во Горна Џумаја рекол: „Нашиот Областен македонски народен театар ја започнува својата дејност и театарската сезона со македонската пиеса ‘Печалбари’ од Антон Панов на македонски јазик, во која се одразува битот на нашиот македонски народ. Фактот што пиесата се игра на македонски јазик јасно зборува за карактерот на нашиот Областен театар и за неговата важна улога во политичкиот, културниот и национален развиток на Пиринскиот крај на Македонија.“
„Со историската народна победа на 9 септември 1944 година условите на живеење на македонскиот народ од Пиринскиот крај на Македонија од корен се изменија. Ние денеска не само што сме слободни граѓани на НР Бугарија, туку и благодарејќи на правилната национална политика на Отечествениот фронт, ги имаме сите потребни услови за изградување наша македонска национална култура, за подигање на нашето македонско национално сознание. Силен фактор за подигање на националната македонска свест во нашиот град од Горноџумајската област претставува расцутот на националната култура на нашите браќа од НР Македонија.“
По донесувањето на резолуцијата на Информбирото во 1948 година, а особено по 1956 година, бугарската држава го менува својот однос кон македонското малцинство и повторно ги негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Македонците биле сметани за Бугари а македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот. Македонскиот јазик бил исфрлен од употреба во образовниот процес, а учителскиот кадар бил протеран од Пиринска Македонија.

