Ормутскиот теснец, најскапата точка на светот: нафтата над 100 долари

Ормутскиот теснец повторно е во центарот на глобалната криза, откако ескалацијата на тензиите меѓу САД, Израел и Иран доведе до нарушување на транспортот на нафта, што ги турна цените над 100 долари за барел и отвори сериозни стравувања од нов инфлациски шок на светско ниво, пренесуваат повеќе меѓународни и регионални медиуми.

Станува збор за една од најважните енергетски „точки“ во светот, бидејќи низ Ормутскиот теснец поминува околу една петина од глобалната трговија со нафта. Секое нарушување на сообраќајот веднаш предизвикува силни реакции на пазарите, што веќе се гледа преку наглото поскапување на енергенсите. 

Аналитичарите предупредуваат дека доколку транзитот не се нормализира брзо, цената на нафтата може да се задржи или дополнително да порасне над 100 долари за барел, што ќе има директно влијание врз цените на горивата, транспортот и храната. Според проценките, дури и краткотраен прекин може да предизвика сериозни нарушувања на глобалните синџири на снабдување. 

Во изминатиот период, цените на нафтата веќе бележат значителни скокови, при што неделниот раст достигнал и до 35 проценти во одредени моменти, што е еден од најголемите пазарни потреси во последните децении. Истовремено, ограничениот проток на танкери и намаленото производство кај дел од земјите дополнително ја засилуваат неизвесноста. 

Економистите предупредуваат дека ваквата ситуација лесно може да се прелее во поширок инфлациски притисок, особено во Европа и земјите зависни од увоз на енергенси, каде секое поскапување на нафтата директно се одразува врз цените на основните производи и животниот стандард.

Зачлени се на нашиот е-билтен