Агенцијата за заштита на личните податоци функционира со само седум вработени за спроведување на законот и нема капацитет да ги контролира употребата на вештачка интелигенција и биометриските податоци, констатира Европската комисија во Годишниот извештај за Македонија. Истовремено, Брисел нотира дека околу 47 отсто од малите и средни претпријатија во земјата немаат никакви мерки за сајбер-безбедност, што е најлоша ситуација во регионот.
Сериозните ограничувања во институционалниот надзор врз приватноста се меѓу клучните забелешки на Европската комисија во делот за фундаменталните права и дигиталната трансформација. Иако во декември 2025 година беше назначен нов директор на Агенцијата за заштита на личните податоци, ова тело останува критично потполнето со кадар и со ограничена финансиска автономија. Со само седум вработени директно ангажирани за спроведување на Законот за заштита на личните податоци, Агенцијата има слаб учинок во инспекцискиот надзор, покренувањето прекршочни постапки и постапувањето по претставки.
Поради недоволните капацитети, Агенцијата не може ефикасно да ги следи сè побројните барања за биометриски податоци и примената на вештачка интелигенција, вклучително и од страна на приватните компании. Дополнително, Брисел нотира дека Владата не ја исполнила обврската Агенцијата да биде задолжително консултирана пред носење секторски закони, а нејзиното мислење за Законот за безбедност на мрежи и информациски системи било игнорирано, што резултирало со неусогласеност со европската НИС2 директива во делот на личните податоци.
Статистичките податоци во извештајот покажуваат дека во 2025 година до Агенцијата за заштита на личните податоци биле пријавени само два случаи на нарушување на безбедноста на податоците, извршени се 176 инспекции, примени се 272 претставки и изречени се 11 административни санкции. Според проценките на самата Агенција, постои сериозно непријавување на безбедносните пропусти поради страв од последици и недоволна свест кај јавноста.
Повикувајќи се на Индексот за политики за мали и средни претпријатија на ОЕЦД за 2026 година, Европската комисија посочува дека и домашниот приватен сектор е изложен на висок дигитален ризик. Бидејќи околу 47 отсто од малите и средни компании не применуваат никакви заштитни механизми, Комисијата констатира дека усогласувањето на новата законска рамка мора да биде проследено со насочена поддршка за сајбер-отпорност на претпријатијата.
Во делот на дигиталната безбедност на самата држава, извештајот констатира дека заштитните механизми во органите на државната управа се недоволни. Иако во јануари 2026 година стапи на сила законот усогласен со НИС2 и Министерството за дигитална трансформација формираше тим за одговор на компјутерски инциденти за извршната власт, Европската комисија оценува дека на националниот Центар за одговор на компјутерски инциденти му е потребно значително зголемување на кадарот и оперативните капацитети.
На законодавен план, Брисел бележи дека националната рамка сè уште не е целосно усогласена со европскиот ГДПР, а на сила остануваат одредбите што дозволуваат пренос на лични податоци во земји-членки на НАТО без соодветни заштитни гаранции. Истовремено, државата допрва треба да развие законска регулатива и надзорни структури усогласени со Европскиот акт за вештачка интелигенција, додека во Кривичниот законик сè уште не се воведени одредби за дигитални злоупотреби, вклучително и за содржини генерирани со вештачка интелигенција.

