Светски ден на дијабетесот: Над 40 отсто од луѓето со дијабетес живеат без дијагноза

Повеќе од 40 отсто од луѓето во светот кои живеат со дијабетес сè уште немаат поставена дијагноза, покажуваат проценките на Светската здравствена организација објавени во пресрет на 14 ноември – Светскиот ден на дијабетесот. Токму поради високиот процент на неоткриени случаи, овогодишниот ден на дијабетесот го означува почетокот на нова двегодишна глобална иницијатива на Меѓународната федерација за дијабетес за периодот 2026 – 2027 година.

Новото глобално истражување на Меѓународната федерација за дијабетес (ИДФ) укажува на сериозни заблуди и бариери кај граѓаните со зголемен ризик од дијабетес тип 2. Според податоците од студијата, 67 отсто од испитаниците веруваат дека луѓето со преддијабетес имаат забележливи симптоми. Дополнително, 43 отсто од анкетираните изјавиле дека не се чувствуваат доволно сигурни да закажат проверка на ризикот од дијабетес, иако 84 отсто се согласуваат дека прегледот е корисен дури и кога лицето се чувствува здраво.

Кампањата на СЗО и ИДФ под хаштагот #ActEarlyOnDiabetes ги повикува граѓаните да ги препознаат предупредувачките знаци на дијабетес тип 1 и тип 2. Меѓу главните симптоми се зголемена жед, често мокрење, необјаснето губење на телесната тежина, постојан замор и заматен вид. Здравствените организации нагласуваат дека дијабетесот тип 1 често се пропушта или погрешно се дијагностицира кај децата и младите возрасни лица, при што доцнењето со терапијата може да биде фатално. Од друга страна, дијабетесот тип 2 се развива бавно и често се открива дури по појавата на сериозни компликации.

Според податоците на СЗО, бројот на возрасни лица со дијабетес во светот пораснал од 200 милиони во 1990 година на 830 милиони во 2022 година. Заедничкиот повик на меѓународните институции до владите е да го зајакнат скринингот во примарната здравствена заштита и да го подобрат пристапот до инсулин и современа дијагностика, со цел да се достигне глобалната цел на Светското здравствено собрание до 2030 година да бидат дијагностицирани 80 отсто од лицата со дијабетес.

Светскиот ден на дијабетесот се одбележува од 1991 година од страна на Меѓународната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација како одговор на зголемената здравствена закана од оваа состојба. Во 2006 година, со усвојувањето на Резолуцијата 61/225 на Генералното собрание на Обединетите нации, 14 ноември стана официјален ден на ОН. Датумот е избран во чест на роденденот на сер Фредерик Бантинг, канадскиот научник кој заедно со Чарлс Бест го откри инсулинот во 1921 година, овозможувајќи им на милиони пациенти ширум светот да ја контролираат болеста.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?