Предупредувањата за силен јужен ветер се издадени на цела територија на Македонија. Под портокалов аларм се Пелагонија, Полог и Југозападниот регион. Жолт аларм важи за Скопскиот, Вардарскиот, Источниот, Североисточниот и Југоисточниот регион.
УХМР најави дека налетите на места ќе надминат 80 километри на час. Кај Тополчани во 11 часот ветерот достигнал 86 километри на час, според мерењата што ги пренесе Тера. Во Битола две девојчиња се повредени кога падна стакло од излогот на матичната служба. Брзата помош ги пренесе во Клиничката болница.
Во западните делови утрово имаше локални поројни врнежи со грмежи. До крајот на денот УХМР најавува повремен локален дожд. Во сабота ќе залади, особено на север, а на места дождот може да биде проследен со ретки грмежи. Ќе дува северен ветер, кој повремено ќе засилува долж Повардарието.
