Научен труд на премиерот Христијан Мицкоски, објавен во 2015 година кај американскиот издавач David Publishing, бил вреднуван со четири бода во документацијата за неговиот избор во звање редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2019 година. Издавачот уште во 2012 година бил вклучен во листата на потенцијално предаторски научни издавачи на американскиот истражувач Џефри Бил.
Прашањето го отвори граѓанскиот активист Бленди Ходаи во интервју за „Слободен печат“, посочувајќи дека во академската документација на Мицкоски се наоѓа труд објавен кај издавач чиј научен кредибилитет бил доведен во прашање.
Проверката на Рацин.мк во официјалниот билтен на УКИМ покажува дека трудот бил наведен и бодован во постапката за избор во редовен професор. Сепак, пресметката покажува дека четирите бода не биле неопходни за исполнување на минималниот бодовен услов за научноистражувачка дејност.
Што покажува документацијата на УКИМ?
Во билтенот на УКИМ број 1203 од 15 ноември 2019 година, во делот за научноистражувачка дејност, е наведен трудот Mathematical Modeling of Work of Modern Friction-Polymer Shock Absorbers and Determining the Dynamical Force during the Impact.
Како автори се наведени H. Mickoski, I. Mickoski и P. Simonovski, а трудот е објавен во списанието Journal of Civil Engineering and Architecture, том 9, број 3, во март 2015 година.
Издавач на списанието е David Publishing од САД.
За трудот се доделени четири бода, а вкупниот број бодови за научноистражувачка дејност во рефератот изнесува 41.
Според Правилникот на УКИМ од 2018 година, минималниот број бодови за научноистражувачка дејност при избор во редовен професор изнесувал 20.
Доколку четирите бода од овој труд се одземат, остануваат 37 бода, односно 17 повеќе од пропишаниот минимум.
Оттука, трудот не бил пресуден за исполнување на овој бодовен критериум.
Издавачот бил критикуван уште во 2012 година
David Publishing бил предмет на критики три години пред објавувањето на трудот.
На 14 март 2012 година, американскиот библиотекар и истражувач Џефри Бил објавил текст со наслов David Publishing: Flipping Its Model, во кој го анализирал работењето на издавачката куќа и навел дека ја вклучил на својата листа на потенцијално предаторски издавачи.
Во текстот го споменал и Journal of Civil Engineering and Architecture, списанието во кое подоцна бил објавен трудот на Мицкоски.
Терминот „предаторски издавач“ се користи за издавачки практики кај кои постојат сомнежи во однос на квалитетот на рецензирањето, транспарентноста и почитувањето на академските стандарди.
Сепак, вклучувањето на издавач на ваква листа само по себе не докажува дека конкретен труд не бил рецензиран или дека нема научна вредност.
Дали трудот влијаел врз изборот во редовен професор?
Според бодовната пресметка, евентуалното исклучување на трудот не би го довело Мицкоски под минималниот праг за научноистражувачка дејност.
Дополнително, во Образец 1 од рефератот се наведени шест публикации за исполнување на условот за научни трудови, меѓу кои не е вклучена публикацијата кај David Publishing.
Овие податоци не укажуваат дека конкретниот труд бил неопходен за исполнување на споменатите услови за избор во редовен професор.
Сепак, останува прашањето според кои критериуми бил вреднуван и дали списанието ги исполнувало формалните услови за признавање научни публикации во 2019 година.
Во документацијата е наведена и вредност „Journal Impact Factor (JIF) 2015: 2.8654“, иако трудот е бодован во категоријата списанија без импакт-фактор за годината на објавување. Потеклото и статусот на овој показател бараат дополнителна проверка.
Изјавата на Ходаи за „Слободен печат“ на тој начин отвора прашање за академските критериуми и проверката на научните публикации, но достапните податоци не даваат основа да се заклучи дека изборот на Мицкоски во редовен професор бил незаконски или дека спорниот труд бил пресуден за неговото академско напредување.

