Златна мечка стара 2.200 години откриена во гробница со останки од возрасни и деца

фото: Almaty City Administration

Мала златна фигура на мечка, стара околу 2.200 години, е пронајдена во древна гробница во Казахстан. Необичниот предмет, кој прикажува мечка исправена на задните нозе со сад во предните шепи, ги изненадил археолозите, особено затоа што досега не е познат сличен примерок од овој вид во земјата.

Откритието е направено на археолошкиот локалитет Карагајли, во областа Алмати, при истражување на погребна могила од четвртиот или третиот век пред нашата ера.

Златната фигура најверојатно била дел од украс на покривка за глава, а истражувачите претпоставуваат дека имала посебно симболично значење за заедницата што ја изработила.

Но, мечката не е единствената мистерија што ја криела гробницата.

Во могилата, висока околу 2,4 метри и широка 26 метри, археолозите пронашле невообичаено голем број човечки коски. Според првичните испитувања, можно е таму да биле погребани четворица возрасни и три деца.

Засега не е утврдено дали сите биле погребани истовремено, каква била нивната меѓусебна поврзаност и зошто биле положени во истата гробница.

Истражувањето дополнително го отежнува фактот што могилата била ограбена уште во античко време. Археолозите пронашле траги од длабок ископ, како и расфрлани керамички предмети.

Сепак, златната мечка останала зачувана.

Според истражувачите, ваквите златни украси биле карактеристични за културата на Саките, древни номадски заедници што живееле во степите на Централна Азија.

Животинските мотиви имале важно место во нивната уметност, а откритието може да помогне во подоброто разбирање на симболиката, верувањата и културните врски меѓу древните народи во регионот.

Археолошките и антрополошките истражувања продолжуваат, а дел од пронајдените предмети во иднина би можеле да бидат изложени во музејот во Алмати.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?