Изложбата на Бехар Ферати, Нехат Беќири и Шарлот Кин ќе биде отворена вечерва во галеријата „Чифте амам“ во Тетово, во рамки на настанот „Денови на Вардар“.
Стотици ѕвончиња изработени од собран пластичен отпад ќе ја пренесат пораката за потребата од заштита на водите преку изложбата „Еколошки ѕвона“, која ќе биде отворена вечерва, 13 ноември, во 19 часот, во уметничката галерија „Чифте амам“ во Тетово.
Изложбата е дел од годинешното издание на настанот „Денови на Вардар“, кој започнува со уметничка програма посветена на загадувањето на изворите, потоците и реките.
Делата на уметниците Бехар Ферати, Нехат Беќири и Шарлот Кин ја користат уметноста како начин да ја истакнат важноста од заштитата на водните ресурси. Ѕвончињата, изработени од рециклиран пластичен отпад, симболично треба да предупредат на последиците од загадувањето на водите и потребата од поголема грижа за животната средина.
Изложбата ќе може да се посети од 14 до 17 ноември, секој ден од 10 до 16 часот. Организаторите ги покануваат средношколците, студентите и сите љубители на уметноста да ја посетат и да се запознаат со ова уметничко и еколошко искуство.
Настанот се реализира во рамки на Програмата за управување, користење и заштита на водите, поддржана од Владата на Швајцарија, преку Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија. Програмата е под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ја спроведуваат конзорциумот Skat Consulting Ltd. и PointPro Consulting.

