Историски момент: Прв докторат одбранет на македонски јазик во Унгарија

македонски јазик

Д-р Златко Панзов ја одбрани дисертацијата „Историографската метафикција во современиот македонски и унгарски роман“ со највисока оценка summa cum laude.

Македонскиот јазик и македонистиката во Унгарија добија ден што ќе остане запишан во историјата на македонско-унгарските научни и културни врски. На 12.11.2026 година д-р Златко Панзов ја одбрани докторската дисертација „Историографската метафикција во современиот македонски и унгарски роман“. Ова е првиот научен труд од таков обем што ги споредува македонската и унгарската современа книжевност.

Уште позначајно е тоа што дисертацијата беше одбранета на македонски јазик, нешто што за првпат се случува во Унгарија. Со тоа македонскиот јазик се позиционира како еден од академските, односно научните јазици во Унгарија. Тоа е силна потврда за угледот на македонистиката надвор од татковината и за способноста на македонскиот јазик да биде рамноправен јазик на науката во европскиот универзитетски простор.

Д-р Златко Панзов ги заврши докторските студии на Докторската школа за книжевност при Факултетот за хуманистика на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, еден од најстарите и најугледните универзитети во Централна Европа. Низ докторскиот процес го водеа менторите проф. д-р Иштван Лукач и проф. д-р Соња Стојменска-Елсезер. Рецензенти на трудот беа проф. д-р Владимир Мартиновски и д-р Јолан Ман, а претседател на комисијата беше проф. д-р Тунде Сабо.

Комисијата за одбрана едногласно оцени дека трудот е иновативен, уникатен и единствен од тој вид во националните книжевни науки на Македонија и Унгарија и дека претставува мост меѓу двете култури. Докторската дисертација ја доби највисоката оценка summa cum laude.

Мост меѓу две книжевности

Дисертацијата го истражува жанрот историографска метафикција преку споредбено читање на осум репрезентативни романи, по четири од двете книжевности. Тие се поделени во четири тандеми:

  • „Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ и „Harmonia caelestis“ од Петер Естерхази
  • „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски и „Сенката на змијата“ од Жужа Раковски
  • „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски и „Турско огледало“ од Виктор Хорват
  • „Вештица“ од Венко Андоновски и „Војна и војна“ од Ласло Краснахоркаи, добитник на Нобеловата награда за книжевност

Секој пар се чита од посебен агол: деконструкција на историските наративи, женската перспектива, односот кон Другиот и метанаративните постапки. Трудот покажува и една суштинска разлика меѓу двете книжевности. Македонската историографска метафикција често ги надминува сопствените граници и се свртува кон историски теми што не се поврзани со националната историографија. Во унгарската доминираат теми од унгарската национална историја.

Проф. д-р Владимир Мартиновски: „Пионерско истражување“

Во својата рецензија проф. д-р Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја нагласува иновативноста на трудот. Според него, за првпат во книжевната наука се прави компаративна анализа на историографската метафикција врз романи од македонската и унгарската книжевност. Тоа се дела меѓу кои не постојат експлицитни генетско-контактни врски. Мартиновски посебно ја истакнува интердисциплинарноста на дисертацијата. Сите цитати од унгарските романи ги превел самиот кандидат, па трудот ги спојува позициите на книжевен преведувач, херменевт, теоретичар на книжевноста и медијатор меѓу двете култури.

Проф. д-р Мартиновски ќе наведе дека станува збор за:

„оригинален и минуциозно структуриран научен труд кој дава значаен придонес во повеќе домени: теоријата на книжевноста, наратологијата, историјата на книжевноста, компаративната книжевност, македонистиката и унгаристиката“.

Во заклучокот вели:

„Оваа дисертација со сигурност може да се смета за огромен влог во македонско-унгарските научни, книжевни и културни врски, но својата релевантност не ја ограничува на анализираниот корпус, туку доаѓа до сознанија кои можат да се применат и на дела од други национални книжевности.“

Д-р Јолан Ман: „Прв и единствен компаративен труд од поголем обем“

Д-р Јолан Ман од Факултетот за хуманистика на ЕЛТЕ во рецензијата ги пофалува изборот на темата, темелниот теориски дел и прегледот на развојот на македонската книжевност. Тој преглед на унгарската академска средина ѝ ја доближува македонската литература и нејзиниот „забрзан развој“ по Втората светска војна. Ман истакнува и дека дисертацијата е напишана на два јазика, македонски и унгарски, што барало посебен напор од докторандот. Според неа, трудот ја постигнал својата цел, бидејќи ја докажал применливоста на жанрот историографска метафикција во двете книжевности.

Д-р Јолан Ман ќе каже:

„Дисертацијата на Златко Панзов е важно, темелно истражување и засега е прв и единствен компаративен труд од поголем обем за македонската и унгарската книжевност.“

Таа додава:

„Една од компаративните вредности на дисертацијата е тоа што критичките рецепции на романите, кои одделно се појавиле во постмодернистичките канони на двете национални книжевности, ги претставува заедно, излегувајќи од затворениот круг на тие канони, односно од нивното самотолкување исклучиво во контекст на западните канони.“

Значење за македонската култура

Одбраната на првиот докторат на македонски јазик во Унгарија е многу повеќе од личен академски успех. Таа е важен чекор во меѓународната промоција на македонскиот јазик, литература и култура. Македонската книжевност влегува во рамноправен научен дијалог со една од најголемите средноевропски книжевности. Македонистиката во странство добива труд што ќе служи како основа за идни компаративни истражувања.

За д-р Златко Панзов

Д-р Златко Панзов е лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, каде што работи од 2017 година. Тој е и книжевен преведувач и културен менаџер. Дипломирал на Катедрата за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирал на Институтот за македонска литература во Скопје.

Панзов е еден од најзначајните преведувачи на унгарската книжевност на македонски јазик, со повеќе од четириесет преведени наслови. Некои ги превел сам, а некои заедно со Анамарија Цинеге-Панзова. Превел дела од Ласло Краснахоркаи, Петер Естерхази, Петер Надаш, Шандор Мараи, Иштван Еркењ, Бела Хамваш, Атила Бартиш, Ѓерѓ Спиро и други. Во 2023 година стана прв добитник на наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик, за преводот на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Спиро.

Панзов е иницијатор и организатор на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Од 2019 до 2026 година таа континуирано ги претставува македонската литература, музика и уметност пред унгарската публика. Учествувал и во подготовката на македонистички изданија на унгарски јазик, меѓу кои е антологијата посветена на Блаже Конески по повод стогодишнината од неговото раѓање. Така Панзов го гради мостот меѓу двете култури и во преводите, и во културните настани, а сега и во науката.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?