Собранието во 2025 година потрошило 42,1 милиони денари за патувања и дневници. За приближно толку пари, според проценката на Рацин.мк, Македонија би можела да пушти во работа систем што ќе ја предупреди жртвата и ќе ја извести полицијата кога некој ќе ја прекрши судската забрана за приближување.
Систем со капацитет за 100 високоризични случаи истовремено би чинел од 33 до 52 милиони денари во првата година и од 26 до 40 милиони годишно потоа. Во пресметката влегуваат GPS-алки, уреди за предупредување на жртвите, дежурни оператори и дополнителни трошоци за полициски интервенции. Проценката е направена под претпоставка дека ќе се користат постојните простории и патроли. Косово за воведување на својот систем издвоило 600.000 евра.
Во собраниските 42,1 милиони денари влегуваат и авионски билети, сместување и дневници за службени патувања. Само за патните надоместоци на пратениците биле исплатени 22,6 милиони денари во 2023, 18,7 милиони во 2024 и 14,4 милиони во 2025 година. Со кириите за пратенички станови, сметката за 2024 достигнала 21,3 милиони денари. Во предлог-буџетот за 2027 година, за целата собраниска ставка за патувања и дневници се планирани 52,7 милиони денари.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека полицаец би можел да го отстрани насилникот од домот на 48 часа, дури и ако тој е сопственик. Судот веќе може да изрече мерка за отстранување без оглед на сопственоста. Електронската алка би овозможила полицијата да дознае ако лицето повторно се приближи до жртвата по интервенцијата.
Една можна заштеда е во надоместокот за километража. Ако стапката падне од 20 на 15 отсто од цената на литар гориво по километар, Собранието би заштедило околу 3,9 милиони денари годишно при ист број патувања, според исплатите од мај 2024 до јуни 2025 година. Дел од патувањата може да се скратат и ако пленарните и комисиските седници се закажуваат во последователни денови, со сместување таму каде што тоа е поевтино од повеќекратно одење и враќање.
Поголема заштеда е можна кај владините возила. Тригодишниот лизинг на 45 „Шкода суперб“ чинел околу 139,6 милиони денари, а државните ревизори утврдиле дека за ваквите договори недостига анализа на економската оправданост. Ако следниот договор чини 20 отсто помалку на годишно ниво, би се заштедиле уште 9,3 милиони денари за цела година.
Со двете мерки би се покриле околу 40 отсто од проценетите годишни трошоци за надзор. За преостанатите околу 20 милиони денари ќе треба буџетска ставка. Со неа Владата треба да каже и кој ќе го прими алармот во три наутро и која патрола ќе тргне кога забраната ќе биде прекршена.

