Поголемиот дел од Гренланд ќе се врати на претходната временска зона GMT-3 на крајот од 2027 година, откако локалниот парламент вчера донесе одлука за промена на временскиот систем, објави гренландскиот весник „Сермицијак“.
Од 31 октомври 2027 година, временската разлика помеѓу Гренланд и Копенхаген ќе се зголеми за еден час, на четири часа, додека разликата со Вашингтон ќе се намали за еден час, на два часа. Гренланд ќе продолжи да го применува летното сметање на времето.
Гренланд со години дебатира за тоа на која временска зона треба да припаѓа арктичкиот остров. Поголемиот дел од Гренланд се префрли на GMT-2 дури во 2023 година за да се усогласи со Данска и остатокот од Европа. Гренланд е дел од Кралството Данска, но ужива широка автономија.
Собрани се околу 4.000 потписи во поддршка на промената.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен се спротивстави на враќањето на старата временска зона во парламентот, предупредувајќи на можни негативни економски последици, бидејќи најважните трговски партнери на Гренланд се во Европа.
Тој, исто така, истакна дека промената ќе го скрати времето во кое здравствениот систем на Гренланд може да се консултира со лекари специјалисти во Данска и предупреди на можни тешкотии во воздушниот сообраќај со Европа.
Сепак, многу жители на Гренланд сакаат враќање на старата временска зона, пишува Sermitsiaq. Граѓаните собраа околу 4.000 потписи во поддршка на оваа промена. Околу 56.000 жители живеат во Гренланд.

