Бугарија ги забрани фармите за крзно по долгогодишни протести

Последната фарма за крзно во Бугарија престана да работи во 2025 година. Денес бугарското Народно собрание едногласно усвои законски измени со кои се забранува одгледувањето, размножувањето и убивањето животни исклучиво за добивање крзно. Според пратеникот Антон Кутев, еден од предлагачите, целта е да се спречи отворање нови фарми и преселување на ваквото производство од други европски земји во Бугарија.

Зад гласањето стојат години протести. Жителите на селото Маџерито, во близина на Стара Загора, и здруженијата за заштита на животните повеќепати бараа да се затвори тамошната фарма за американски визони. Уште во 2018 година, во парламентот беа доставени над 50.000 потписи за забрана. Во 2025 година, по прекинот на работата на фармата, активистите од здружението „Невидливи животни“ се вратија на локацијата и ги документираа празните кафези.

Со измените се опфатени фармите за визони, лисици, чинчили, ракунски кучиња и други животни што се одгледуваат само за крзно. Законот за заштита на животните ја определува таквата практика како суровост. Исклучоци се кожите добиени како спореден производ од животни одгледувани за храна и кожите од законски лов.

За физички лица, предвидената глоба е од 800 до 1.500 евра за прв прекршок и од 2.000 до 6.000 евра за повторен. За трговци поединци и правни лица, санкцијата е од 2.500 до 4.500 евра, а при повторен прекршок може да достигне 10.000 евра. Измените се усвоени во парламентот, а во изданието на бугарскиот „Државен весник“ од 13 ноември сè уште не се објавени

Прашањето е отворено и на ниво на Европската Унија. Граѓанската иницијатива „Европа без крзно“, со повеќе од 1,5 милион важечки потписи, бара забрана и за фармите и за продажбата на крзно и производи од такви фарми на пазарот на ЕУ. Европската комисија ги разгледува можните мерки.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?