Кога во јавноста ќе се спомене согорување на отпад, првата асоцијација најчесто се депонии, чад и непријатна миризба – слика на „валкан“ и опасен процес. Но, современите енергетски постројки за отпад немаат многу заедничко со таа претстава. Термалниот третман на отпад е строго контролиран индустриски процес со јасни правила, технологија и безбедносни стандарди, кои во многу европски земји се построги дури и од оние во класичната индустрија.
Во Европската Унија работат повеќе од 500 постројки за добивање енергија од отпад, кои годишно обработуваат милиони тони отпад. Овој концепт со децении е дел од стандардниот систем за управување со отпад. За неговата примена во Западниот Балкан, клучно е јавноста да разбере што смее, а што не смее да заврши во ваквите постројки.
Што може да влезе во енергетските постројки?
Новите закони за управување со отпад се базираат на идејата дека отпадот може да биде ресурс – но само оној дел што не е опасен и нема повеќе рециклажна вредност.
Во енергетските постројки може да се согорува:
Нерециклирачка пластика, хартија и текстил – материјали кои се премногу загадени или измешани за повторна употреба
Гориво добиено од отпад (RDF и SRF) – специјално подготвен отпад со висока енергетска вредност
Дрвен отпад и гуми – материјали со висока калорична вредност
Сув канализациски талог – од постројки за пречистување на отпадни води
Одредени течни отпади – како индустриски и користени масла и масти
Што никако не смее да се согорува?
Постојат строги забрани за опасни хемикалии, батерии и електронски отпад, азбест и радиоактивен материјал и експлозивни супстанции.
Овие материјали се третираат во специјализирани системи. Медицинскиот и инфективниот отпад исто така се согорува, но во посебни постројки наменети за биоопасен материјал.
Процесот на добивање енергија од отпад се одвива според строги стандарди на управување со отпад и висока технологија за заштита.
Температурите во печките надминуваат 850°C (а за опасен отпад и над 1100°C), со доволно време за целосно согорување и уништување на бактерии, вируси и штетни соединенија.
Безбедноста е клучна: системите работат под негативен притисок за да се спречи излегување на гасови, а димните гасови минуваат низ сложени системи за прочистување со филтри, скрубери и активен јаглен, со што се елиминираат штетни емисии.
Еколошка и економска корист
Согорувањето на отпад значително ја намалува неговата маса и волумен – до 75% помала маса и до 90% помал волумен, со што се намалува оптоварувањето на депониите.
Од една тонa отпад може да се добијат околу 600 kWh електрична енергија, која се користи за струја, топла вода за греење на градови и пареа за индустријата.
Овој систем истовремено ги намалува емисиите на стакленички гасови и ја заменува употребата на фосилни горива како јаглен, нафта и гас.
Важно е да се напомене дека енергетското искористување на отпадот и рециклажата не се спротивставени процеси, туку се надополнуваат.
Земји со високи стапки на рециклирање, како Германија, Холандија и скандинавските држави, имаат и најразвиени системи за енергија од отпад.
Со новите законски рамки, и земјите од регионот имаат можност да го напуштат застарениот модел на депонирање и да го претворат отпадот во енергетски ресурс.