Форд го отклучи својот нов автомобилски трезор во Ромулус, Мичиген. „Мустанзи“, тркачки легенди и необични прототипови што никогаш не стигнале до сериско производство. На едно место се собрани 125 возила што раскажуваат дел од историјата на американската компанија.
Местото наречено „Ford Vault“ е сместено во поранешен магацин на Амазон. Наместо пакети, просторот сега го исполнуваат историски автомобили, експериментални модели и возила што со децении биле чувани подалеку од очите на јавноста. Дел се донации од колекционери, а други се привремено отстапени за изложување.
Меѓу најнеобичните примероци е „мустанг“ претворен во пикап, изработен од млади кадри на обука. Тука е и концептот „Супер чиф“ од 2006 година, замислен како луксузен камионет што може да користи три вида гориво, како и последниот произведен примерок од првата генерација на малиот „форд ка“, со помалку од 16 изминати километри.
Колекцијата ги поврзува автомобилскиот дизајн, трките и популарната култура. Во неа има „мустанзи“, „навигатори“, но и противпожарни, полициски и амбулантни возила. Некои од концептите првпат се покажуваат пред јавноста, иако идеите вградени во нив подоцна помогнале во развојот на сериски модели.
Трезорот ќе им служи и на дизајнерите и инженерите на Форд како работна архива, место каде што старите решенија и експерименти можат да дадат идеја за следниот автомобил.
Засега, посетите се ограничени на посебни настани. За сабота, 14 ноември, е најавено отворање за избрани посетители и вработени, а билетите веќе се разграбани. Компанијата планира дополнителни можности за разгледување, но редовен пристап за пошироката јавност сè уште нема утврден датум.

