Засилените сообраќајни контроли на Министерството за внатрешни работи резултираа со апсење на девет лица кои се товарат по член 297-а од Кривичниот законик. Според полицискиот билтен, шестмина од приведените го управувале возилото без стекнато право на управување.
Станува збор за скопјаните А.С. (46), М.Р. (26) и З.С. (26), потоа 27-годишниот А.М. од скопското село Никиштани, 56-годишниот Г.Т. од градечкото село Подлес, како и А.К. (28) од кавадаречкото село Дреново. Кај возачот од Дреново полицијата утврдила дека, покрај тоа што немал положен испит, возилото го управувал и под дејство на алкохол.
За возење под дејство на алкохол се лишени од слобода уште двајца возачи – 49-годишниот Г.Ј. од Кочани и 35-годишниот М.С. од Куманово. Во Крива Паланка, пак, полицијата го привела 21-годишниот Д.С., кој возел иако веќе имал изречена активна судска или управна мерка забрана за управување со моторно возило.
Кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило по член 297-а од Кривичниот законик предвидува строги санкции, вклучувајќи парична казна или затвор до три години за учесниците во сообраќајот кои грубо ги прекршуваат прописите и го загрозуваат животот на луѓето. За ова дело полицијата има овластување веднаш да го лиши возачот од слобода и привремено да го одземе возилото.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на сите девет случаи против возачите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежните обвинителства. Полицијата упати апел до сите граѓани да ги почитуваат сообраќајните прописи и да не управуваат возила под дејство на алкохол, без дозвола или со активна забрана.

