Шар Планина е национален парк веќе пет години, но на терен ја чуваат само седум чувари и Шумска полиција што со дефектно возило покрива територија од шест општини. Додека планинарите и активистите бараат построги контроли и санкции, а институциите се жалат на недоволните капацитети, прекрасната природа на Шара пополека исчезнува
Автори: Метин Муареми* и Ангел Димовски**
Шумските предели на шарпланинскиот појас се менуваат до непрепознатливост. Исечени стебла, уништена вегетација и видливи траги од сеча ја заменуваат некогашната густа шума оставајќи сериозни последици врз природниот изглед на Шар Планина. Особено загрижувачка е состојбата во пределите над селата Вејце, Варвара, Лавце, Брезно и на долината „Три Воде“, каде што некогашните прекрасни природни пејзажи денес наместа се претворени во соголени шумски површини.
За загрижувачката глетка на Шарскиот Масив сведочат планинарите, кои со години се движат низ овие предели. Некогашните привлечни планинарски патеки, опкружени со бујна вегетација и густи шуми, денес на одредени места минуваат покрај деградирани шумски површини, каде што трагите од сечата стануваат сѐ повидливи.
Планинарите алармираат: Шумата се губи пред нашите очи
Од Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, кој повеќе од еден век е присутен на Шар Планина, велат дека нивните членови при редовните планинарски тури и други активности, на повеќе локации забележале видливи траги од сеча. Исечени стебла, остатоци од дрвна маса, шумски патишта и деградирани површини се дел од појавите со кои се соочуваат на терен.
Според нив, зачестеното присуство на траги од сеча укажува на потребата од поголем надзор, особено на критичните локации. Тие посочуваат дека уништувањето на шумите не претставува само загуба на дрвна маса, туку потенцијална закана за природната рамнотежа и за целиот планински екосистем.
„Бесправната и неконтролирана сеча може да има долгорочни последици врз целиот планински екосистем. Покрај директното намалување на шумата, таа може да придонесе за ерозија на почвата и зголемен ризик од свлечишта, нарушување на природните живеалишта, намалување на биолошката разновидност, како и зголемен ризик од поплави и други природни непогоди. Нашиот став е дека бесправната сеча претставува сериозен проблем што бара постојано и координирано дејствување на сите надлежни институции. Потребно е да се зголеми контролата и присуството на надлежните служби на терен, особено на критичните локации, како и да се воспостави поефикасен систем за навремено регистрирање, пријавување и санкционирање на незаконските активности“, апелира Јован Божиновски од Планинарскиот Клуб „Љуботен“ – Тетово.

Но, со голата сеча не се губат само природните убавини на Шар Планина.
„Доколку овој тренд продолжи, планинските предели ќе губат сè поголем дел од своите густи шуми. Тоа може да има сериозни последици врз природата, но и врз безбедноста на населението. Последиците од нарушувањето на шумскиот фонд можевме да ги видиме и при поплавите во околината на Шипковица и на Лешок во 2015 година, кога, за жал, имаше и човечки жртви. Воедно, се нарушува и природниот изглед на планината, што може негативно да влијае и врз развојот на планинскиот и туристичкиот потенцијал“, вели Флорент Бајрами од Планинарскиот клуб „Тетово“.
И тој апелира на поголема контрола од институциите, како и на поголема информираност на активистите и на локалното население како да пријават сомнителни активности.

„Институциите треба темелно да ги истражуваат пријавите, а кога ќе се утврди прекршување, случаите да имаат соодветна институционална разрешница. Важно е јавноста да биде информирана и за успешно откриените случаи и за изречените санкции, бидејќи тоа може да има и превентивен ефект“, додава Бајрами.
Седум чувари на 62 илјади хектари
Шар Планина во 2021 година беше прогласена за национален парк, со цел да се заштити нејзиното природно богатство од бесправната сеча и другите незаконски активности. Но, и покрај статусот на заштитено подрачје, шумите и понатаму се мета на дрвокрадците.
Од Националниот парк тврдат дека бесправната сеча е намалена за речиси 50 проценти, но бројките покажуваат дека проблемот е далеку од решен. Само во последните три години, од 2023 до 2025 година, бесправно биле исечени 1.854 кубни метри дрвна маса, најголем дел од букови шуми.
„Потребно е да се зголеми контролата и присуството на надлежните служби на терен, особено на критичните локации, како и да се воспостави поефикасен систем за навремено регистрирање, пријавување и санкционирање на незаконските активности“, Јован Божиновски, Планинарски клуб „Љуботен“ – Тетово
Но, колку е ефикасна заштитата на планината? На површина од повеќе од 62 илјади хектари, Националниот парк располага со само седум чувари. Тие освен со дрвокрадството, треба да се справуваат и со ловокрадството, бесправното градење и другите незаконски активности. Од Паркот признаваат дека моменталните капацитети треба дополнително да се зајакнат за поефикасна контрола на планината.
„Паркот располага со теренски возила, трап-камери, опрема за ноќно набљудување и дрон. Сепак, за обезбедување непрекината и поефикасна контрола на целата територија, потребни се понатамошно кадровско екипирање, дополнителна теренска опрема и подобрување на мобилноста на чуварската служба“, вели Анела Панајотова од Националниот парк „Шар Планина“.
Активистите бараат поодлучни казни за дрвокрадците
Но, и покрај намалувањето на бесправната сеча, екоактивистите предупредуваат дека институциите мора поодлучно да се справуваат со дрвокрадците. Според нив, потребно е доследно спроведување на законите и поголема одговорност за оние што незаконски го уништуваат шумското богатство, бидејќи последиците од ваквите активности ги чувствуваат и природата и локалното население.

Енвер Рамадани, од Центарот за едукација и развој од Теарце, напоменува дека дивата сеча на шумите, освен што е незаконска, претставува и сериозна закана за живиот свет во шарпланинската природа.
„Секоја нелегално исечена шума значи губење на природното живеалиште за голем број животни и растенија, нарушување на екосистемите и намалување на биолошката разновидност. Како активист, сметам дека заштитата на шумите мора да биде заедничка одговорност на институциите, на локалните заедници и на граѓаните. Потребни се поефикасни контроли, доследно спроведување на законите и поголема одговорност кон оние што незаконски ги уништуваат природните ресурси. Шумата не е само дрво за огрев или извор на економска корист. Таа е дом на живиот свет, природна заштита за нашите заедници и богатство кое треба да го зачуваме и за идните генерации“, вели активистот Енвер Рамадани.
Шумската полиција ја чува Шара со едно возило во дефект
Девет години стара „дачија дастер“, која често е во дефект, е единственото теренско возило што им е на располагање на Шумската полиција во Тетово. Со неа вработените треба да се справуваат со дрвокрадците на Шарскиот Масив на терен што се протега на територија на шест општини.
Во периодот од 2023 до 2026 година, според податоците од институцијата, во дел од акциите биле одземени трактори, автомобили и моторни пили, но од доставената документација се гледа дека не завршиле сите пријави со санкции. Дел од нив биле отфрлени од обвинителството, а во еден од предметите обвинетото лице било ослободено и по повторното судење.
Од Шумската полиција посочуваат дека недостигот од соодветни услови и ресурси претставува сериозен предизвик за теренската работа. Сепак, велат дека продолжуваат со контролите и соработката со Националниот парк и другите надлежни институции, а најавуваат и кадровско засилување со тројца нови колеги што ја поминале обуката.
„Последиците од нарушувањето на шумскиот фонд можевме да ги видиме и при поплавите во околината на Шипковица и на Лешок во 2015 година, кога, за жал, имаше и човечки жртви. Воедно, се нарушува и природниот изглед на планината, што може негативно да влијае и врз развојот на планинскиот и туристичкиот потенцијал. Сметам дека е потребно значително поголемо присуство и контрола на терен од надлежните институции, како и навремено реагирање кога ќе се појават сомнителни случаи“, Флорент Бајрами, Планинарски клуб „Тетово“
„Во моментов ШПС Тетово работи со 11 шумски полицајци, командир и администратор и ги покрива атарите на општините Јегуновце, Теарце, Боговиње, Брвеница, Желино и Тетово. Располага со едно теренско возило ‘дачија дастер’, старо девет години, кое често е во дефект. Во моментов на месечно ниво ни се дадени на располагање 15.000 денари. За периодот од 2023 до 2026 година, ШПС Тетово има предадено на ЈУ Национален парк ‘Шар Планина’ вкупно 32,9 кубни метри дрвна маса, со вкупна пријавена штета од 1.067.217 денари. Поднесени се прекршочни и кривични пријави до надлежните органи. ШПС Тетово има понудено соработка и помош во работењето при заштитата на ЈУ Национален парк ‘Шар Планина’, на дневна основа, според проценетата потреба за дејствување. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжи оваа соработка“, велат од Шумската полиција од Тетово.

Судот не открива колку лица биле осудени
Откривањето дрвокрадци не значи секогаш и соодветна казна. Од Шумската полиција посочуваат дека дел од пријавените случаи завршиле со отфрлени пријави или со ослободителни одлуки.
Според податоци од Шумската полиција од Тетово, во периодот од 2023 до 2026 година во дел од акциите биле одземени трактори, автомобили и моторни пили, но од доставената документација се гледа дека не завршиле сите пријави со санкции. Дел од нив биле отфрлени од обвинителството, а во еден од предметите обвинетото лице било ослободено и по повторното судење.
Се отвора прашањето колку од сторителите навистина одговараат за уништувањето на шумското богатство и дали изречените санкции се доволни за да ги одвратат од повторно вршење на истите дела.
Од Основниот суд во Тетово не откриваат колку лица биле осудени, колку изнесувале паричните казни, ниту колку од одземените возила биле вратени. Токму овие информации би покажале какви санкции се изрекуваат за бесправната сеча и што се случува со предметите одземени при полициските акции.
„За периодот од 1.1.2023 година до 22.09.2026 година се заведени вкупно 75 постапки, од кои 73 правосилно завршени, додека две постапки се во тек, при што се изречени 39 парични казни (глоба), а во 17 постапки се одземени предмети. Во останатиот дел се изречени судски опомени, запирање на постапката, се отфрла барањето и обвинението е одбиено“, информираат од Основен суд Тетово.
Дека притисокот врз шумите на Шар Планина е голем, покажуваат и податоците на Националниот парк. Анкета спроведена во 16 планински села покажала дека дури 96,6 проценти од 146 анкетирани домаќинства користат огревно дрво како основен или дополнителен извор за греење. Но, зависноста од огревното дрво не ја оправдува бесправната сеча.
Состојбата на Шар Планина покажува дека статусот на национален парк сам по себе не е доволен за да се заштити природното богатство доколку не е проследен со ефикасна контрола, соодветни ресурси и доследно санкционирање на незаконските активности. Додека институциите се соочуваат со недостиг од капацитети, а шумите продолжуваат да исчезнуваат, останува отворено прашањето дали Шара ќе биде навистина заштитена или нејзиното природно богатство ќе продолжи да исчезнува пред очите на сите.
*Метин Муареми е активист од Центарот за едукација и развој – Теарце
**Ангел Димовски е новинар
***Преземено од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

