Кои работни места најтешко, а кои најлесно се пополнуваат во Европа?

Наставниците, здравствените работници и специјалистите за информатички технологии се професиите кои работодавците во Европа најтешко ги пополнуваат, покажува извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Наспроти нив, најлесно се наоѓаат општи работници и помошници за подготовка на храна, иако податоците од 27 европски земји откриваат значителни разлики меѓу одделни држави.

Европскиот пазар на труд се соочува со изразен дефицит на високообразован и стручен кадар во образованието, здравството и информатичко-комуникациските технологии. Анализата на ОЕЦД, базирана на податоци од 2024 година, ги споредува професиите во рамките на секоја од 27-те анализирани европски земји, меѓу кои се и Норвешка, Швајцарија, Турција и Обединетото Кралство. Овие дупки опстојуваат паралелно со влошените изгледи за вработување на младите тазе дипломирани, кај кои јазот во невработеноста во однос на остатокот од работоспособното население е продлабочен, потврдуваат податоците на ОЕЦД и Европската централна банка.

Во просек, во земјите од Европската унија опфатени со извештајот за мапирање на недостигот на вештини, наставата е најтешката професија за пополнување. Наставниците се меѓу петте најдефицитарни занимања во 13 земји, а вкупно е тешко да се најдат во 21 европска држава. Исклучок се Германија, Грција, Италија, Норвешка, Шпанија и Турција, каде што пазарот за наставен кадар е оценет како генерално урамнотежен. Генералниот секретар на Европската федерација на работодавци во образованието,

Здравствениот сектор бележи речиси универзален дефицит низ континентот. Здравствените професионалци тешко се наоѓаат во 23 од 27 земји, додека медицинските техничари и дел од медицинските сестри се во недостиг во 21 држава.

Информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) и професионалците за бизнис и администрација се тешки за регрутирање во по 18 европски земји. Наспроти општиот тренд, пазарот за ИКТ-кадри е урамнотежен во Данска, Финска, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска, додека во Австрија, Швајцарија и Обединетото Кралство е забележан вишок на ваков кадар.

На спротивната страна од скалата, нискоквалификуваните и рутинските работни места се најлесни за пополнување. Општите работници лесно се наоѓаат во 21 земја, помошниците за подготовка на храна во 17, а работниците во елементарни занимања во 16 држави. Сепак, националните економски структури создаваат остри отстапувања од европскиот просек. Во Норвешка најтешко се регрутираат токму општите работници, во Шпанија има голем недостиг од помошници за подготовка на храна, а во Франција најтешко се наоѓаат работници за елементарни занимања.

Индексот на ОЕЦД не го мери апсолутниот број на слободни работни места, туку релативната тежина на пополнување на одредена професија во споредба со другите занимања во истата држава. Позитивните оценки означуваат релативен недостиг, а негативните релативен вишок на работна сила. Портпаролката на Европската агенција за труд (ЕЛА), Пија-Јохана Фалстром, оцени дека недостигот на работна сила во Европа е сè повеќе структурен отколку привремен, како последица на демографските промени, неусогласеноста на вештините и ограничената мобилност на работниците.

Според анализите на ЕЛА, многу професии што се дефицитарни во една европска држава истовремено бележат вишок во друга, поради што агенцијата повикува на подобри обуки, поквалитетни работни услови и праведна мобилност на трудот.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?