Прв Форум за енергетска дипломатија во Скопје на 25 ноември

Првиот Форум за енергетска дипломатија, насловен „Обновлива енергија и жени во енергетиката“, ќе се одржи на 25 ноември во Скопје. Форумот ќе се фокусира на регионалната соработка во енергетската безбедност, обновливите извори на енергија и зеленото финансирање, со посебен акцент на иницијативата за воспоставување регионална мрежа на жени во енергетската дипломатија, соопштија организаторите.

Форумот за енергетска дипломатија го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Северна Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

Настанот ќе се одржи на 25 ноември во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Овој меѓународен собир посветен на иднината на енергетиката ќе обедини високи владини претставници, меѓународни експерти, дипломати, претставници на финансиски институции, меѓународни организации и бизнис-заедницата од Северна Македонија и од странство. Регистрацијата за форумот е достапна онлајн.

Првиот Форум за енергетска дипломатија ќе обезбеди платформа за стратешки дискусии за предизвиците и можностите во енергетскиот сектор, како и за воспоставување нови партнерства кои можат да придонесат за енергетската безбедност и економската отпорност на регионот, велат организаторите.

Според организаторите, во време кога енергетската безбедност, диверзификацијата на изворите на енергија и забрзувањето на зелената транзиција стануваат стратешки приоритети за секоја земја, форумот има за цел да ги поврзе институциите, експертите и инвеститорите околу конкретни можности за соработка. Посебен акцент ќе биде ставен на забрзување на инвестициите во обновлива енергија, обезбедување зелено финансирање и развивање регионални партнерства, со посебен фокус на Западен Балкан.

Како што сугерира и самиот наслов на настанот, „Обновлива енергија и жени во енергетиката“, една од неговите централни теми ќе биде улогата на жените во енергетскиот сектор и нивното учество во креирањето политики, донесувањето одлуки и меѓународната енергетска дипломатија.

Форумот исто така ќе претстави иницијатива за воспоставување на платформата „Жени во енергетската дипломатија“, проследена со церемонија на потпишување, најавија организаторите. Иницијативата има за цел да создаде мрежа што ќе ги поврзува жените од енергетскиот сектор, институциите и дипломатските кругови, олеснувајќи ја размената на знаења и искуства и поттикнувајќи поголема застапеност на жените на позиции каде што се обликуваат енергетските политики.

Програмата на настанот вклучува пленарна сесија за жените во енергетиката, фокусирана на градење отпорност и безбедност, и две тематски тркалезни маси. Првата ќе се осврне на можностите за проширување на решенијата за обновлива енергија во Западен Балкан, додека втората ќе ги истражи начините за поголемо искористување на механизмите за зелено финансирање и развој на јавно-приватни партнерства за забрзување и олеснување на зелената транзиција.

„Амбицијата на организаторите е форумот да оди подалеку од размената на ставови и искуства и да ги постави темелите за конкретни иницијативи, нови инвестиции и долгорочна регионална соработка. Со здружување на институциите, меѓународните партнери и приватниот сектор, Скопје ќе стане место каде што ќе се дискутира за прашања од фундаментално значење за енергетската иднина на регионот“, се наведува во соопштението.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?