Протестите во постсоцијалистичка Европа ретко носат системски промени, но ја чуваат демократијата

Фото: Ванчо Џамбаски/Flickr

Граѓанските протести во Централна и Источна Европа се постојан одговор на централизираната политичка моќ, корупцијата и демократското назадување по падот на комунизмот во 1989 година. Ова го истакнува книжевната критичарка и истражувачка Луси Џефери во својата анализа на зборникот „Моќта на протестите во Централна и Источна Европа“, објавена во списанието „CEU Review of Books“ на Централноевропскиот универзитет.

Книгата „Моќ и протест во Централна и Источна Европа“, уредена од Клаудиу Крачун и Хенри П. Рамелт и објавена од издавачката куќа „Палгрејв Мекмилан“, низ единаесет студии на случај ги истражува причините, динамиката и исходите на општествените движења во регионот. Во својот осврт, Луси Џефери нагласува дека почетната точка на оваа историја на протести е тројната транзиција, политичка, економска и социјална, што ги зафати земјите од регионот по распадот на комунистичките режими.

Џефери посочува дека зборникот успешно ја избегнува замката да го претстави регионот како хомогена целина, нудејќи увид во тоа како граѓанскиот ангажман им се спротивставува на ограничувањата на политичките слободи и репресијата. Според нејзината оценка, книгата изобилува со сознанија за тоа „како да се одржат демократските практики, да се пружи отпор на авторитарните тенденции и да се обезбеди отпорност на демократските поредоци пред нелибералните тенденции, чија релевантност не е ограничена само на Централна и Источна Европа“.

Сепак, авторката на анализата упатува и методолошка забелешка до уредниците поради одлуката поглавјата да ги подредат по азбучен ред, наместо тематски. Таа смета дека со таков пристап е пропуштена можноста полесно да се воочат паралелите според природата на протестите, регионалната историја или степенот на нивното задушување. Како клучна аналитичка рамка за читање на целата книга, Џефери го издвојува согледувањето на Дејвид С. Мајер од заклучокот на зборникот, кој вели дека „аналитички е важно да се направи разлика помеѓу исходот на протестот како успешна мобилизација, излегување на улица и испраќање силна порака, и политичкиот успех, односно извојување политички реформи или придобивки“.

Како објаснување за длабоките корени на протестната култура во постсоцијалистичките општества, Џефери го цитира поглавјето за Бугарија на Ивајло Динев и Драгомир Стојанов. Тие наведуваат дека причината лежи во пресвртницата од 1990-тите години, кога надежите се судриле со суровата социјална реалност, а три децении подоцна дел од населението сè уште ги доживува социо-економските резултати како недоволни, а политичката елита како корумпирана. Според нив, тоа довело до постојана политичка нестабилност, чести масовни мобилизации и појава на протестни партии.

Посебно внимание во анализата е посветено на поглавјето за Македонија, напишано од истражувачот Иван Стефановски. Џефери пренесува дека Стефановски ја идентификува нееднаквата распределба на политичката моќ како главна причина за „осцилирачката“ или „плитка“ демократија во Македонија, која постојано се движи помеѓу демократија и авторитаризам. Како главни двигатели на протестите во земјата, Стефановски ги издвојува младинската невработеност, неправедната приватизација и корупцијата во медиумите, нагласувајќи дека сите овие појави се „предводени од системска злоупотреба на моќта“.

Слични структурни блокади Џефери препознава и во поглавјата за Албанија и Чешка. За Албанија, авторката Гилда Хоџа оценува дека активизмот создава култура на активно граѓанство, особено преку употребата на социјалните мрежи за заобиколување на провладините медиуми, иако „политичката елита останува во голема мера недопрена“. Во Чешка, пак, Катержина Врабликова заклучува дека масовните демонстрации како „Милион моменти за демократија“ не довеле до системски промени поради „затворените политички можности“ во систем обликуван од неформални мрежи и корупција.

Во освртот кон Полска, Џефери ги издвојува масовните протести од октомври 2020 година во 410 градови против рестриктивните закони за абортус и судските реформи на тогашната владејачка партија Право и правда (ПиС), анализирани од Пјотр Коциба. Таа оценува дека овие мобилизации претставувале еден од најсериозните предизвици за власта, поврзувајќи ги со глобалните движења за правата на жените и малцинствата.

Повикувајќи се на заклучокот на познатата социолошка Донатела дела Порта, Џефери истакнува дека книгата ги поставува централните дилеми на современите општества за тоа како да се изгради инклузивно општество во услови на нееднаквости создадени од самата транзиција и каква е улогата на прогресивните движења во спречувањето на целосен авторитаризам.

Според Џефери, најголемата вредност на зборникот е одлучноста на авторите да го гледаат протестот како нескротлива сила, а граѓаните како активни чинители, без наивен романтизам. Таа нагласува дека станува збор за трезвен поглед втемелен во историската борба на послабите за правда, каде што успехот постојано се бара, иако никогаш не е однапред загарантиран.

На крајот од својот текст, авторката потсетува дека бранот протести во регионот продолжил и во 2025 година, наведувајќи ги демонстрациите во Романија по поништувањето на претседателските избори, антивладините протести во Братислава, студентските протести во Белград против владата на тогашниот премиер Милош Вучевиќ, како и собирите за слобода на собирање и човекови права во Будимпешта. Таа заклучува дека во време на променливи геополитички сојузи и можни смени на моќта, внимателното следење на влијанието на општествените движења е поважно од кога било.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?