Кој ги сноси последиците од растечкиот јавен долг, како задолжувањето се одразува врз животниот стандард на граѓаните и дали економските политики обезбедуваат долгорочна одржливост и социјална праведност? Овие прашања ќе бидат во фокусот на јавната дебата „Кој ја плаќа цената? Јавен долг, економска одржливост и животен стандард“, што на 16 ноември ќе се одржи во Скопје.
Дебатата е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје, а целта е да се отвори аргументирана дискусија за поврзаноста меѓу јавниот долг, економската стабилност и социјалната праведност.
Во услови на економски предизвици и зголемени притисоци врз јавните финансии, во фокусот ќе бидат приоритетите на економските политики, распределбата на финансиските товари и последиците од економските одлуки врз различните општествени групи.
На панелот ќе учествуваат Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието, Олимпија Заева Христова, основачка и извршна директорка на „Elson Solutions“, Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, и Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ.
Дискусијата ќе ја модерира новинарката на Телевизија 24, Анета Додевска.
Настанот ќе се одржи во понеделник, 16 ноември, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје. Пристигнувањето и регистрацијата се предвидени за 10:30 часот, а почетокот на панел-дискусијата во 11 часот.

