Марш на ангелите во Кочани: Бараме одговорност и дела додека луѓето се живи

На 51. Марш за ангелите во Кочани, родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска побараа масовна поддршка од семејствата на повредените и конкретна одговорност од институциите. Обраќајќи се пред Основниот суд и пред полицијата, Драги Стојанов и Валентина Христовска порачаа дека бараат правда за 63-те жртви и дека протестите се мирни и насочени исклучиво кон расчистување на случајот.

Драги Стојанов, татко на момче кое загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во обраќањето пред Основниот суд упати повик до родителите на повредените деца да им се приклучат на маршевите за правда, изразувајќи разочарување што досега не биле дел од нив, објави Радио Кочани.

Тој им се заблагодари на родителите кои излегле да дадат поддршка, но нагласи дека борбата за правда треба да биде заедничка. Стојанов порача дека родителите на повредените треба да чекорат за своите деца за тие да живеат во мир и благосостојба, а не да се будат ноќе без сон.

Во своето обраќање, Стојанов побара одговорност од надлежните институции и предупреди дека неказнувањето на одговорните за трагедијата во која загинаа 63 лица би испратило опасна порака до општеството. Тој јавно го повика градоначалникот на Кочани да застане покрај родителите, а критики упати и до општинските советници, полициските началници и инспекторите. Потенцираше дека маршевите се мирни и дека семејствата не протестираат против Владата или против поединечни политичари, туку бараат правда за своите деца сè додека се живи.

На 51. Марш за ангелите во Кочани пред полицијата се обрати и Валентина Христовска, мајка на починатиот Павел. Таа посочи дека семејствата повторно маршираат со барање за вистина, одговорност и правда, нагласувајќи дека нивната борба ги опфаќа и сите други невини жртви од трагедиите во Македонија.

Христовска ги наброја несреќата кај Ласкарци со 16 изгубени животи, пожарот во модуларната болница во Тетово со 14 жртви, автобуската несреќа на „Беса Транс“ со 45 загинати и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 63 загинати и повеќе од 200 повредени, каде што животот го загубија вкупно 138 лица. Во говорот потсети и на жените и девојките чии животи беа насилно прекинати, меѓу кои Танкица од Кочани, Росица од Велес, Емилија од Штип, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана од Скопје и 17-годишната девојка од Богданци, апелирајќи институциите навреме да реагираат на пријавите за насилство.

Осврнувајќи се на пожарот во „Пулс“, Христовска потсети на јавните наводи за долгогодишни институционални пропусти и ветувањата дека сите вмешани ќе одговараат, укажувајќи дека на семејствата не им се потребни нови ветувања, туку конкретни постапки и видливи резултати. Таа порача дека загубата на нивните деца мора да биде опомена за секој што носи одлуки, потпишува дозволи, врши контроли или прима пријави за насилство, додавајќи дека семејствата бараат институции што ќе ги штитат човечките животи со дела.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?