Во меѓународната операција „Endgame“, координирана од 10 до 14 ноември 2025 година од седиштето на Европол во Хаг, полициски и правосудни служби од повеќе држави ја демонтираа инфраструктурата на три големи актери во глобалниот сајбер-криминал: инфостилерот Rhadamanthys, тројанецот со далечински пристап VenomRAT и ботнет-мрежата Elysium.
Според Европол, овие алатки со години имале клучна улога во напади врз компјутери ширум светот – од кражба на лозинки и лични податоци до овозможување ransomware напади и целосна контрола врз заразени уреди.
Главниот осомничен поврзан со тројанецот VenomRAT е уапсен во Грција на 3 ноември, а во акциските денови била разбиена инфраструктура што заразила стотици илјади компјутери. На нив биле пронајдени милиони украдени пристапни податоци, а многумина од корисниците не знаеле дека нивните системи се компромитирани.
Осомничениот поврзан со Rhadamanthys имал пристап до повеќе од 100.000 крипто-паричници, потенцијално вредни милиони евра.
Операцијата била координирана од Европол и Евроџаст, со учество на служби од Австралија, Белгија, Канада, Данска, Франција, Германија, Грција, Литванија, Холандија, Обединетото Кралство и САД. Повеќе од 30 приватни компании дале поддршка, меѓу кои Cryptolaemus, Shadowserver, Spycloud, Proofpoint и Bitdefender.
Резултати од најновата фаза на операцијата „Endgame“:
- 1 апсење во Грција
- 11 претреси (1 во Германија, 1 во Грција, 9 во Холандија)
- Повеќе од 1.025 сервери срушени или онеспособени
- 20 домени запленети
Акцијата не беше насочена само кон операторите на криминалната мрежа, туку и кон нивните корисници. Полицијата директно ги контактирала и ги повикала да достават информации за инфостилерите преку специјален канал на Телеграм за операцијата „Endgame“. На официјалната веб-страница се објавени детали за угаснатите криминални услуги.
Граѓаните можат да проверат дали нивниот компјутер бил заразен на следните адреси:
politie.nl/checkyourhack и haveibeenpwned.com.
Европол овозможил размена на информации и дал аналитичка, форензичка и крипто-траговна поддршка. Повеќе од 100 полициски службеници од Австралија, Канада, Данска, Франција, Германија, Грција и САД работеле во оперативниот штаб во Хаг, координирајќи заплени на сервери, анализа на податоци и идентификација на осомничени.

