Нормално е секоја земја да оддава почит на гробовите на своите војници во странство, но понапредните европски земји одат на помирување и соработка, па на тие комеморации избегнуваат провокативни говори, а државни делегации од Србија го погазуваат тој бонтон кај нас, објави Вистиномер.
Кај спомен-костурницата Зебрњак во Кумановско тие пласираат великосрпска пропаганда, а таму лежат српски војници од Кумановската битка (23.10.1912 г.), која била дел од Балканските војни.
За едни исти настани може да има различни гледишта, но она на нашата историографија е дека тие војни биле поробувачки, што го потврдила и Карнегиевата комисија, па гостите од Србија би требало да покажат повеќе сенс кон земјата-домаќин. Тоа важи и за граѓанското здружение Српска заедница во Македонија (СЗМ), кое исто така учествува во тие комеморации на Зебрњак.
Таквото однесување може да ја револтира нашата јавност, па со цел таа да се одоброволи и придобие, говорите на Зебрњак се зачинуваат и со псевдоисторија.
Флагрантна псевдоисторија
Како за почеток, да наведеме што оваа година на Зебрњак изјави Гордана Јовиќ-Стојковска од СЗМ, инаку писателка родум од Грделица кај Лесковац:
„Не била случајна таа битка. Не било ништо случајно и немало никаква освојувачка приказна. Ние, кои сме израснале со своите дедовци и прадедовци, кои говореле за сето тоа, знаеме дека нивната цел, дека нивното доброволно влегување во војната било со цел ослободување на браќата во Македонија и ослободување на браќата од 500-годишното ропство, за можност слободно да се почитува својата вера, да се говори на својот јазик, да се живее со својот народ во слога со другите народи.“
Навистина, Кумановската битка се водела против Османлиите, но нивната угнетувачка власт во Вардарска (сега Северна) Македонија потоа била заменета со српска власт, која спроведувала репресии, колонизација и присилна асимилација (србизација), при што не ги поштедила дури ни личните презимиња, на кои им ја додавала наставката – иќ, а ја наметнувала и Српската православна црква, па за никаква слобода и идиличен соживот тука не станувало збор.
Великосрпски национализам и играње со јужнословенските чувства
Многу побитен беше говорот на Зоран Антиќ, што е веќе владин претставник на Србија, но тоа главно му беше реприза на она што во 2010 г. таму го говорел д-р Славенко Терзиќ.
Терзиќ бил директор на Историскиот институт на Српската академија во нејзиниот најнационалистички период – од 1987 до 2002 г., што се поклопува со владеењето на Слободан Милошевиќ, во чија одбрана Терзиќ настапувал пред судот за воени злосторства во Хаг.
Во говорот на Антиќ беше речено (фрагменти):
„Негувајќи ги традициите на ослободителните војни на Србија, ние покажуваме дека Србија не водела освојувачки војни, како што тоа некои го велат, туку тежнеела да го ослободи српскиот народ во Стара Србија од османлиската власт и истовремено да го помогне ослободувањето на останатите балкански, христијански народи. Србија им се враќала на старите средишта на српскиот духовен и државен живот.
Два дена по ослободувањето на Куманово, нашата војска на 26 октомври влегува во Скопје, престолнина на српското царство од 14 век.“
Стара Србија е поим, кој го опфаќа Косово, Рашка (Санџак) и Вардарска Македонија, кои во дел од Средниот век биле под власта на Србија и кои во 1912 г. таа сакала пак да ги завладее, што кај нас се сметало за поробување. Затоа, тие изјави на Антиќ беа провокативни, но следеа и други:
„Чувајќи ги придобивките на ослободителните војни на Србија, сакаме од заборав да ги оттргнеме храбрите и славни предци, кои не се штеделе борејќи се за слободата на српскиот и останатите јужнословенски народи. Во оваа прилика да се сетиме на големите јунаци: Јован Станојковиќ-Довезенски, Јован Стојковиќ-Бабунски, Василије Трбиќ-Велешки, Крста Ковачевиќ-Трговишки, Ристо Стевановиќ-Старачки, Мицко Крстиќ, Ѓорѓе Скопљанче, Глигор Соколовиќ
Да се сетиме на борбите водени кај Челопек во 1905 година и Дреново во јуни 1907 година.“
Тука се мисли на четниците уфрлани во османлиска Македонија од Србиja, на кои нашата историографија гледа како на непријатели, а битката кај Дреново, Велешко, од јуни 1907 г. се водела токму меѓу нив и комитите на ВМРО, кои, пак, кај нас се сметани за херои.
Василије Трбиќ-Велешки не бил велешанец, туку Србин од Хрватска, а Ѓорѓе Ристиќ-Скопљанче не бил скопјанец, туку Србин од Косово, па тоа движење било водено од Белград, како што и таму се признава, а не настанало спонтано во Македонија, иако врбувало некои нејзини жители како Глигор Соколов(иќ). Но, прашање е дали тој бил Србин – тој бил ренегат од ВМРО.
Од Македонија биле и просрпските четници Јован Станојков(иќ)-Довезенски, Јован Стојков(иќ)-Бабунски и Мицко Крстиќ-Поречански или Крстев(ски), кој дури го држел Даме Груев, еден од основачите на ВМРО, во едномесечно заложништво.
Антиќ создава илузија дека Македонија тогаш имала големо и јасно дефинирано српско население, кое српската војска со право го ослободила во 1912 г., па го вели и следново:
„Српската војска во 1912 г. не дојде на пуста ледина, ниту на туѓа земја.
Во втората половина на 19 век, во Стара Србија и Македонија работеле 70 машки и 7 женски српски училишта.
Српски школи работеле во Кичево, Гостивар, Дебар, Лазарополе, Тетово, Кочани, Злетово, по селата на велешкиот и охридскиот крај, во Лештани (правилно е Лешани, Дебарца, наша заб.), Боровац (Бороец, Струшко, наша заб.), Вевчани, во скопската и други нахии.
Во Скопје работела српска гимназија, машка и женска учителска школа, женско работничка училиште, музичко училиште и српската печатница Вардар, која го печатела истоимениот весник.
Србите на почетокот на 20 век, под османлиска власт на овие простори имале два епископи: скопски и велешко-дебарски.“
Иронично, дури и Груев ќе станел Грујиќ, односно „Србин“, кога бил привлечен со стипендија за образование во Белград од тамошното друштво Св. Сава, но подоцна побегнал од таа асимилаторска пропаганда, а во слична ситуација, но во Атина, се нашол и нашиот познат писател, преродбеник и несуден „Грк“ Григор Прличев алиас Григориос Ставридис.
За таа соседна пропаганда кај нас се пишувани томови книги, а ја забележале и странци како Хенри Ноел Брајлсфорд и таа се спроведувала преку црковно влијание врз нашите неписмени селани, со отворање на училишта за нив и сл., па се случувало од двајца браќа едниот да се изјаснува за Србин или Грк, а другиот за Бугарин.
Груев предупредувал дека таа српска пропаганда и нејзините чети можат да испровоцираат омраза и дури и „општо колење на Србите во Македонија“. Тој бил против такво „животинско истребување“ и „бесмислено вартоломејско убивање“, па на Србите дури им предлагал спогодба, но без успех. Нему дури му се припишува и основање на некакво тајно Друштво против Србите.
Во Првата балканска војна имало обид за надминување на разликите со Балканскиот сојуз (Србија, Црна Гора, Грција и Бугарија), кој со помош од четите на ВМРО ги победил Османлиите, но таа солидарност бргу спласнала, па следела Втората (меѓусојузничка) балканска војна.
Резултатот бил поделба на Македонија и потпаѓање на нејзиниот вардарски дел под српска власт. Против неа набргу било кренато Тиквешкото и Охридско-дебарското востание, а и Валандовско-удовската акција. Во некои од тие активности ВМРО содејствувало со Албанците и Турците.
Во Првата светска војна, пак, членовите на ВМРО како Христо Матов, Тодор Александров, Александар Протогеров и Петре Чауле служеле во 11-тата Македонска пешадиска дивизија и други единици на бугарската војска, кои војувале заедно со Централните сили (Австро-Унгарија, Германија и Османлиите) против Антантата (Србија, Франција, Британија и Русија).
Кулминација бил атентатот извршен од членот на ВМРО, Владо Черноземски, во соработка со хрватските усташи, врз српскиот, односно југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ, кој, интересно, бил командант во Кумановската битка (додуша, тогаш бил принц-регент).
Нам не ни е целта да отвораме стари омрази, туку да укажеме дека српското заземање на Вардарска Македонија не било доживеано како ослободување, барем не од мнозинското население.

Воинствени изјави пред војската на Србија
Антиќ ја изнесе таа пропаганда пред униформирани претставници на војската на Србија, кои заедно со него беа дојдени да се поклонат на Зебрњак, што ја прави целата работа уште попровокативна, а говорејќи за српските херои од минатото, Антиќ го изјави и следново:
„Тие нè научија нас младите со своите подвизи дека имаме право да се бориме за биолошки опстанок и во таа борба да ги користиме сите средства.
Ако е потребно, да бидеме полоши и од самото зло.“
Овие изјави звучат екстремно, па меѓу нив беше вметната реченица која го ублажува тој ефект, во смисла дека таа борба, сепак, треба да биде витешка, благородна и сл., но тоа не помага баш многу, а и кога вакво нешто се пласира од воени гробишта, тоа тешко може да биде нешто позитивно.
Вицепремиерот на С. Македонија и рускиот амбасадор
На Зебрњак беше и Иван Стоилковиќ, но тој не реагираше на тие провокации, што му е должност како вицепремиер на С. Македонија, без оглед на неговата српска етничка припадност.
А, Владата, чиј вицепремиер е тој, е предводена од неговите коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека се „наследници на историското ВМРО“, но ни тие не реагираа, а ова се случуваше токму кога кај нас се одбележува Денот на ВМРО (23.10.1893 г.).
Стоилковиќ е близок со српски националистички политичари како Милорад Додик. Резолуцијата во ООН за сеќавање на геноцидот во Сребреница ја нарече „некрофилски Дизниленд“, С. Македонија ја споредуваше со спонзоруша, а среде санкции против Русија зеде учество на Форум за безбедност во таа земја. Тоа беше во мај 2023 г. кога тој уште не беше вицепремиер, но се поставува прашањето зошто тој потоа ја доби таа висока функција?
Гостин на Зебрњак беше и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кој и самиот ја шири таа пропаганда, а богами и псевдоисторија. Така, на комеморација за руските војници загинати кај нас во Првата светска војна, тој изјави дека тие „ја ослободија македонската земја“. Но, Русија во таа војна била сојузник на Србија и тоа онаа големата, со Вардарска Македонија во нејзин состав.
Прашање е дали претставник на санкционирана земја како Русија треба да се кани на настани на кои присуствува и вицепремиерот, особено заради тоа што таа врши агресија врз Украина.
Некои може да го оправдуваат тоа канење со фактот дека Русија имала клучна улога во формирањето на Балканскиот сојуз, но на Зебрњак беше и амбасадорот на НР Кина, која со тоа нема никаква врска. Смислата на тоа беше просто да се упати заедничка антизападна порака, а друго објаснување немаме. Иронично, тоа се случуваше во земја-членка на НАТО.
Инаку, Русија го помагала Балканскиот сојуз не заради ослободување на Македонија, туку за тој да ѝ стане алатка против ширењето на југ на Австро-Унгарија по нејзината анексија на Босна во 1908 г. Членките на Балканскиот сојуз ја поделиле Македонија, но Русија не ги спречила.
Реципроцитет
Во коментари на социјалните мрежи, некои велат дека тоа однесување на српските делегации мора да се толерира како реципроцитет за нашите одбележувања на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчињски во Србија, но наши државни делегации таму не прават провокации.
Некаква провокација имало само на 2.8.1990 г. кога таму заминале членови од партиите МААК и ВМРО-ДПМНЕ, при што вееле националистички знамиња и јавно читале некаков манифест, но тоа не биле официјални претставници на тогашна југословенска Македонија, а Србија не само што не ги толерирала, туку нејзината полиција ги претепала со пендреци. Воедно, српските четници на Војислав Шешељ тогаш ја скршиле спомен-плочата за АСНОМ.
Како цивилизирана Европа одржува комеморации
И развиените европски земји си имале свои конфликти и гревови, но тие одат на помирување и избегнуваат провокации, па дури одржуваат заеднички комеморации. Такви има и на странските воени гробишта кај нас, при што францускиот амбасадор се обраќа на германски јазик, а германскиот амбасадор на француски.
На таквите настани една по друга прозвучуваат германската воена песна „Der gute Kamerad“ и француската „Sonnerie aux morts“, со што се изразува жалење за сите жртви и се апелира тоа да не се повтори, наместо да се промовира омраза.
Особено е запаметен случајот од 22.9.1984 г., кога францускиот лидер Франсоа Митеран и неговиот германски колега Хелмут Кол се фатиле за раце додека се интонирале химните на нивните земји на заедничката комеморација крај градот Верден, познат по битката од 1916 г.

Газиместанска исламофобија и албанофобија
Во својот говор за Кумановската битка, Антиќ го изјави и следново:
„Тоа не била само победа на Србите, туку цивилизациска победа на Европејците над Османлиската Империја, победа на европските општествено-хуманистички вредности над османлиско-деспотските вредности, победа на христијанството над исламот.“
Ова е исламофобија, со која Антиќ ги манипулира нашите граѓани, кои се главно православни христијани, но и пошироката европска јавност, онаа која е загрижена од големата имиграција и исламскиот екстремизам, па Антиќ ѝ порача и дека Србите ја бранеле Европа од исламските освојувања уште од Косовската битка во 1389 г.
Тоа е реприза на она што Милошевиќ го изнел во злокобниот говор на Газиместан во 1989 г., кој се смета за најава за југословенските војни и кој бил одржан во изразито албанофобна атмосфера:
„Пред шест векови, Србија тука, на Косово поле, се бранела себеси. Но, ја бранела и Европа. Таа (Србија, наша заб.) тогаш се наоѓала на нејзиниот бедем (на Европа, наша заб.), кој ја штител европската култура, религија, европското општество во целина.“
Што од тоа е точно, а што националистички мит е под знак прашалник. На пример, доста Срби станале вазали на Османлиите и војувале за нив, а таков бил Стефан Лазаревиќ, кој, иронично, бил син на српскиот водач во Косовската битка, Лазар Хребељановиќ. Тој, пак, е често нарекуван „цар Лазар“, иако бил само кнез, па дури и Милошевиќ на Газиместан признал дека:
„Денес е тешко да се каже што е во Косовската битка историска вистина, а што е легенда. Денес тоа веќе не е ни важно.“
Сепак, Антиќ е во право за следново. Османлиската Империја ставала акцент на верската припадност, па ги привилегирала муслиманите (не само Турците, туку и Албанците, Бошњаците и др., кои биле заедно броени како „Турци“), а ги угнетувала христијаните. И, реално, Империјата била зачмаена во средновековен мрак (набивања на кол, данок во крв), додека развиена Европа јурела напред: хуманизам и ренесанса, реформација, просветителство итн.
Но, колку и Антиќ да е во право во тој дел, која е ползата тој да нè враќа кон тоа мрачно минато и тие стари конфликти? Еден од нив е и оној, кој избувна кај нас во 2001 г., а Антиќ за него изјави:
„И во 2001 година, полицајците и војниците македонски на овие простори не ги убиваа Срби, ги убиваа некои други.“
Ова зазвучува како хушкање против Албанците, од типот: „Ние, Србите, сме заедно со Македонците против Албанците“, што е крајно недолично и недипломатично за странски гостин во земја како нашава, која се труди да надмине некои стари тензии и да залечи некои стари рани.
Сево ова наиде на критика кај претставници на албанската и бошњачката заедница во земјава како новинарот Насер Селмани и лидерот на партијата СДА, Џелал Хоџиќ.
Хушкање против Бугарите
Антиќ во говорот ја спомена и Брегалничката битка од Втората балканска војна, која делегации на Србија исто така ја одбележуваат кај нас. Притоа тој нагласи дека Србите тогаш не се бореле против Македонците, туку против Бугарите, што е проблематично од низа причини.
Прво, комеморацијата на Зебрњак е за Кумановската битка, во времето на која Бугарите им биле сојузници на Србите, што Антиќ го занемари; второ, во говорот тој алудираше на некакво христијанско и словенско братство, но Бугарите ги исклучи од тоа; и трето и најбитно, таквото хушкање, како што рековме, е недолично и ги подгрева тензиите кои ги имаме со Бугарија.
Можеби затоа нејзиниот претседател Румен Радев апелираше до европските институции сериозно да ја сфатат заканата од т.н. Српски свет, кој е копија и продолжена рака на т.н. Руски свет, а се работи за доктрина на Србија, односно Русија за ширење на влијание врз просторите, кои некогаш биле под нивна власт и на кои има етнички Срби, односно Руси, кои се злоупотребуваат за таа цел.
И С. Македонија потпаѓа во таа сфера на влијание, а тоа не го критикува само Бугарија, туку и нашиот експремиер Љубчо Георгиевски. Тој смета дека Македонците се блиски со Бугарите и дека тој Српски свет создава раскол меѓу нив, за што Георгиевски доста пишува по социјалните мрежи.
Неговите гледишта за заедничката историја на Бугарите и Македонците кај нас важат за контроверзни, но каков и став да имате за тоа, некои негови укажувања неспорно држат и веќе не можат да се игнорираат – факт е дека тој Српски свет влијае врз нашите граѓани, при што се сее омраза кон Бугарија, а многумина од нив паѓаат на тие манипулации, за што сведочат и бројните „лајкови“ кои ги оставаат на таквите содржини по социјалните мрежи.
За сето тоа придонесува и силното медиумско, културно и друго влијание од соседна Србија како на пример турбофолкот, колку и тоа да делува наивно.
Според Георгиевски, тоа веќе не е југоносталгија, туку србизација, при што се туркаат нешта, кои ни Титова Југославија не би ги толерирала. Така, пред извесно време пишувавме за еден кандидат на локалните избори, кој е деклариран „вмровец“, но во својот подкаст промовира великосрпски четници, што е апсурд и резултат на збрките од таа пропаганда и псевдоисторија.
За крај
Разбирливо е дека Србија сака да ги испочитува своите жртви, но тоа може да го изведе подипломатично и со повеќе сенс, а не со газиместански говори, што е веќе надминато во развиена Европа, кон која ние се стремиме. Барем официјално тоа е сè уште наш стремеж – како што укажува Хоџиќ.
Уште пострашно е тоа што сето тоа се зачинува со псевдоисторија, што внесува невидени збрки, па Селмани со право укажува дека со ова кај нас практично се слави српската окупација.
Најпоразителна тука е леснотијата и наивноста со која наши граѓани се „фаќаат“ на таа „јадица“ на Српскиот свет – како што укажува Георгиевски, како и молкот на владејачката и „најпатриотска“ партија, која фактички дозволува Стоилковиќ да води некаква паралелна политика. Како може вицепремиер на членка на НАТО и официјална кандидатка за ЕУ да се прегрнува со рускиот амбасадор среде санкции?
Целта тука не е само ширење на тој Српски свет, туку и на оној Рускиот – со сеење на раздор во евроатлантскиот табор на Балканот по етничка, верска, историска и секаква основа, па присуството на Зебрњак на рускиот, па дури и на кинескиот амбасадор не е случајно, а ни наивно.

