„Лимениот барабан“ од Гинтер Грас, еден од најважните романи на 20 век, дело кое ги помести границите на литературата и за кое Фолкер Шлендорф направи познат филм во 1979 година, ја раскажува приказната за Оскар Мацерат, триесетгодишен пациент на психијатриска установа кој, како тригодишно момче, во пресрет на подемот на нацизмот и почетокот на Втората светска војна, решил да престане да расте. Протестирајќи против возрасните, Оскар ги коментира историските настани од детска перспектива, сликајќи слика за свет кој брза кон самоуништување.
Клучот на Гинтер Грас, кој за ова дело ја доби Нобеловата награда за литература, е маестрално искован од состојките реализам и фантазија и во првата декада по Вората светска војна кога е напишан, стана литературниот глас на генерацијата што созреала за време на нацистичката ера.
Тоа е клучот на Грас за успехот на романот, но предизвикот тоа што е спакувано во една исклучително сложена книжевна форма која опфаќа две светски војни и триесет години од периодот кој потоа ќе го дефинира светот, да се форматира во театарска претстава, се чини невозможна мисија.

Но, македонскиот режисер Васил Христов и ансамблот на легендарното Југословенско драмско позориште (ЈДП) го пронашле клучот. Во џебот на Бертолт Брехт. Уште еден германец, страдалник од нацизмот, но многу поважно – театролог кој ги помести границите на театарската уметност со неговата методологоија на „зачудност“ или дистанцирање (Verfremdungseffekt).
Васил Христов ги употребил сите алатки што ги претпоставува методологијата за Брехт. За разлика од Станиславски, опозитниот театарски концепт, кој од глумците бара да се трансформираат целосно во ликот што го играат, Брехт од глумците бара да имаат двојна улога. Од една страна да го „играат“ ликот, а од друга страна на останат глумци кои ги коментираат постапките на ликот што го играат.
За да биде појасно, Миодраг Драгичевиќ, го глуми Оскар Мацерат, но повремено „излегува“ од тој лик и ја коментира постапката на Оскат во сцната која штотуку завршила.
Од другите брехтијански алатки што ги користи режисерот Христов, тука е целосното тргање на четвртиод ѕид на сцената, оној кон публиката, па гледалиштето на тој начин станува учесник во дејствието. Тука е музиката која што не доаѓа од зад кулисите, туку се изведува во живо, повторно во улогата на коментатор на сценските дејствија. Потоа напишаните пароли…
Во еден момент, публиката добива впечаток дека не гледа театарска претстава во класична смисла, туку група луѓе кои раскажуваат, а не играат. Но, тоа е дополнителниот ефект на Брехт, кој со оваа методологија, не и дозволува на публиката да гледа од удобноста на партерот и да ја задржи својата неутралност. Наместо тоа, тој бара од публиката ангажман, став, коментар… Затоа што во овој случај, во драматуршка предлошка која говори за заканите на фашизмот, за сведочење кога човештвото се стрмоглавува во амбисот на самоуништувањето, публикате не може да остане гледач… Така смета Брехт, така смета Гинтер Грас, така сметаат режисерот н ансамблот на ЈДП, а пиубликата може да избере.
И публиката избра. Вчера, на првата вечер на МОТ, таа ја поздрави оваа храбра одважност на учесниците во претставата „Лимениот барабан“ на ваков начин да не соочи со заканите од фашизмот и војната.


Изборот на претставата што ќе го отвори МОТ, по јубилеен педесети пат беше одличен. За жал, фестивалот веќе не е она што беше во неговиот изворен концепт од пред 50 години. МОТ не беше создаден да биде салонски и традиционалистички во институционална смисла. Тој беше замислен како спротивност на сето тоа. Како субверзивен, како алтернатива на институционалниот театар. Затоа неговите сцени, освен оние во МКЦ, или некогаш Дом на млади, беа отворените простори, плоштадите, чаршијата, улицата… Таму се воспставуваше тој директен, непосреден контакт со публиката… Каде што се судираше со реалноста што беше еден од принципте на фестивалот кој беше млад и отворен. Бунтовен…
Вчера, на официјалното отворање на фестивалот, на обраќањето пред публиката, беше прочитан текстот објавен во првиот билтен на фестивалот во 1976 година. Тој текст ја претстави разликата…

Разликата е и во празните седишта за протоколот. Слика која во најдобрите години на МОТ била невозможна зашто немаше привилегирани и протоколи, кои имаат „поважни“ работи отколку да одат во театар. Ако сакаа да гледаат театар, се туркаа заедно со сите за подобро место и, едноставно, за влез во светот што во тие неколку десеттици минути го создаваа живите факели на сцената,
Сепак, останува надежта дека вакви претстави, како „Лимениот добош“ на ЈДП и на Васил Христов, ќе ја одржуваат таа нишка на театарски изрази и формати кои експериментираат, кои ги „туркаат“ границите.

