ЕП: Билатералните прашања да не го блокираат проширувањето на ЕУ

Европскиот парламент во најновиот извештај за проширувањето испрати јасна политичка порака до земјите-членки и до кандидатите: билатералните прашања треба да се решаваат билатерално и билатералните прашања во проширувањето на ЕУ не смеат да се користат како лост за блокирање на пристапувањето на земјите кандидати. Во документот, кој го опфаќа целиот пакет – Западен Балкан, Украина, Молдавија, Грузија и Турција – европратениците го потврдуваат стратешкото значење на проширувањето и бараат крај на практиката национални спорови да ја заложуваат европската перспектива на соседите.

Извештајот ги става проширувањето и Западен Балкан во јасна геополитичка рамка. По руската агресија врз Украина, Европскиот парламент оценува дека интеграцијата на регионот станува прашање на безбедност, стабилност и влијание на Унијата, а не само технички процес на отворање и затворање поглавја. Девет од десетте земји кои се на пат кон членство веќе имаат кандидатски статус, дел од нив со децении, и токму затоа Парламентот инсистира проширувањето да остане „најсилната геополитичка алатка“ на ЕУ.

Во делот за добрососедство, Европскиот парламент првпат со ваква јасна формулација наведува дека нерешените билатерални прашања меѓу ЕУ-членките и земјите кои не се членки мора да се решаваат билатерално и „не смеат да се користат како leverage за блокирање на процесот на пристапување“. Со тоа, европратениците индиректно ги адресираат практиките од изминатите години кога држави-членки го користеа правото на вето за да наметнат историски, идентитетски или други спорови кои не се дел од формалните копенхагенски критериуми.

За Македонија, оваа формулација е повеќе од теоретска. Земјата помина една деценија под грчко вето, кое заврши со Преспанскиот договор, а потоа влезе во нов циклус блокади од Бугарија околу историјата, јазикот и впишувањето на Бугарите во Уставот. Повеќе аналитички центри одамна предупредуваат дека ваквите билатерални спорови го подриваат кредибилитетот на ЕУ-политиката кон Западен Балкан – регионот формално треба да ги спроведува европските критериуми, но реално се судира и со услови кои се надвор од acquis-от.

Извештајот оди и чекор понатаму, барајќи реформа внатре во Унијата: укинување на едногласноста барем во „меѓу чекорите“ на проширувањето – одлуките за почеток на преговори, како и за отворање и затворање на кластери и поглавја, да се носат со квалификувано мнозинство, а не со право на вето на секоја земја-членка. Европратениците отворено забележуваат дека прекумерната употреба на едногласност во овие фази повеќепати го забавила проширувањето. Ова директно се однесува на ситуациите кога една или две земји ја држеа Македонија „заложник“ на билатерални прашања иако земјата формално ги исполнуваше барањата на Европската комисија.

Паралелно, Европскиот парламент го потврдува и принципот дека проширувањето останува строго мерит-ориентиран процес: напредокот зависи од реформите во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, медиумската слобода и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Вкупно, земјите-кандидати се охрабруваат да прават „неповратен напредок“, но и предупредуваат дека назадувањето во фундаментите може да резултира со замрзнување на преговорите.

Во практичен план, извештајот подразбира двоен притисок – и врз кандидатите, и врз самата Унија. Од една страна, Македонија и соседите мора да продолжат со реформи и да ги затвораат домашните „фронтови“ – особено во правосудството, борбата со корупцијата и медиумските слободи. Од друга, земјите-членки се повикуваат да престанат да го користат проширувањето како заложник на свои историски или билатерални агенди.

За македонската јавност, пораката од Брисел има јасен превод: Европскиот парламент официјално запишува дека блокадите од типот на грчкото и бугарското вето се спротивни на духот на европското проширување. Но истовремено потсетува дека конечната одлука е во рацете на владите на земјите-членки во Советот – таму каде што уште постои инструментот вето, додека не се смени правилото. До тогаш, извештајот останува силна политичка алатка во аргументацијата на Скопје, но не и автоматска гаранција дека билатералните спорови навистина ќе исчезнат од масата.

Зачлени се на нашиот е-билтен