Мицкоски ветува „први до ЕУ“, Брисел пишува „ограничен напредок“

Во Тирана денеска се продава оптимизам. На самитот „Нашиот пат кон ЕУ“ премиерот Христијан Мицкоски пред лидерите од регионот и еврокомесарката Марта Кос порача дека Македонија е „компетитивна“, дека прва го операционализирала Инструментот за реформи и раст и дека „ќе бидеме тие што први ќе стигнат до конечната цел“.
Анализа на Леон БАКРАЧЕСКИ

Зад оваа реченица, објавена од регионалните медиуми, стојат два паралелни наратива. Едниот – владиниот, кој го користи фактот дека Македонија навистина меѓу првите ги доби парите од новиот План за раст на ЕУ (по заслуга на претходната влада). Другиот – европскиот, кој во најновиот извештај вели дека реформите во клучните „фундаментали“ се бавни, препораките се исполнуваат делумно, а напредокот е – ограничен.

Планот за раст: пари има, но се условени

Планот за раст за Западен Балкан предвидува до шест милијарди евра за регионот, преку новиот инструмент „Reform and Growth Facility“ за периодот 2024–2027 – две милијарди грантови и четири милијарди поволни заеми. Сите средства се врзани за јасно дефинирани реформски обврски: владеење на правото, функционална пазарна економија, борба против корупцијата, реформи во јавната администрација и отворање кон единствениот пазар.

Во јули годинава Европската комисија ја одобри првата исплата за Северна Македонија и Црна Гора, а во октомври и втората транша за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија. Тоа значи дека Скопје навистина е во „горниот ешалон“ кога станува збор за користење средства од Планот – но само за дел од реформските цели и само до нивото до кое условите се исполнети.

Што вели Брисел за реформите?

На хартија, последниот извештај на Европската комисија за 2025 година звучи многу помалку триумфално од изјавите во Тирана. За економијата, заклучокот е јасен: Северна Македонија има „добро ниво на подготвеност“, но во развивањето на функционална пазарна економија е постигнат „ограничен напредок“. Фискалниот дефицит е повисок од планираното, реформите за формализирање на сивата економија се заглавени, а управувањето со јавните инвестиции и понатаму е слаба точка.

Во поглавјата за владеење на правото и борба против сериозен и организиран криминал, Комисијата користи сличен речник: државата е „меѓу некое и умерено ниво на подготвеност“, со „ограничен напредок“. Препораките од претходната година се исполнети делумно, трагот на истраги и пресуди за финансиски криминал и перење пари и натаму е недоволен, а потребно е засилување на човечките и финансиските капацитети на институциите.

Дополнително, во делот медиумски слободи, ЕК нотира дека Северна Македонија е „меѓу некое и умерено ниво на подготвеност“ и дека напредокот во усогласување со Европскиот акт за слобода на медиуми е ограничен, а правната рамка сè уште не е целосно усогласена.

Билатералниот ѕид со Бугарија

Кога Мицкоски во Тирана вели дека „не гледа суштина“ во тоа билатералните спорови да одлучуваат кој ќе стане членка на ЕУ, тој директно ја критикува политиката на условување со Софија. Но реалноста на европската маса за преговори е сосема поинаква: бугарското вето и барањето за уставни измени за внесување на бугарското малцинство сè уште се клучната кочница на патот кон отворање на кластери и реално напредување во преговорите.

Исто таа реалност ја опишуваат и последните посети на европските лидери. Претседателот на Европскиот совет Антониу Кошта и шефицата на европската дипломатија Каја Калас јавно побараа од Скопје да донесе „епохални одлуки“ и да го исполни делот од договорот за Бугарија. До тој момент, Мицкоски јавно инсистира дека устав ќе се менува само ако Софија претходно ја ратификува членството – што директно го заклучува процесот во ќор-сокак.

Може ли со „ограничен напредок“ да бидеме „први до целта“?

Во истите извештаи каде што за Северна Македонија се користи формулацијата „ограничен напредок“, ЕУ нотира дека Албанија и Црна Гора се водечки земји во процесот, со отворени повеќе поглавја и појасна динамика на преговорите. Тоа не значи дека тие автоматски ќе влезат први во ЕУ, но јасно ја демантира сликата дека Скопје е „на чекор“ пред сите.

Македонија навистина успеа да го активира Планот за раст и да повлече пари – што е признание дека дел од реформите се движат. Но, истите тие европски документи предупредуваат: препораките се реализираат половично, владеењето на правото, медиумските слободи и борбата против организиран криминал се далеку од европски стандарди, а политичката блокада околу уставните измени практично го замрзнува политичкиот дел од европската агенда.

Кога Мицкоски пред камера вели дека „ќе бидеме компетитивни и први ќе стигнеме до конечната цел“, тој ја чита само светлата страна на приказната – исплатите од Брисел и декларативната поддршка дека „европскиот дом нè чека“. Она што не го кажува е цената на тие ветувања: тешки, често непопуларни реформи дома и храбри политички одлуки во односи со соседите. Без тоа, слоганот „први до ЕУ“ останува повеќе маркетинг за домашна употреба, отколку реален опис на позицијата на земјата во европската трка.

Зачлени се на нашиот е-билтен