Во салата Фросина во Младинскиот културен центар Скопје, вечерва во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Коштана“ на Народен театар Ниш, во режија на Јана Маричиќ, како дел од програмата на 50. издание на Млад отворен театар.
Во претставата играат Уна Костиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Александар Маринковиќ, Данило Миленковиќ, Евгенија Станковиќ, Ивана Недовиќ, Милош Цветковиќ, Дејан Лилиќ, Наталија Јовиќ, Наѓа Недовиќ Текиндер, Николија Мичиќ, Петар Миљуш. Сценографијата е на Миодраг Табачки, костимографија, Борис Чакширан, а композитор е Божидар Обрадиновиќ.
На програмата на МОТ вечер е и „Кученцето се засмеа“ на Спам студиос, Бугарија, во режија на Ана Батева. Претставата ќе се одржи во клуб ресторанот на МКЦ во 22 часот.
– Артуро Бандини е живописен пример за деградирачката моќ на Егото и неговата деструктивна моќ, која може да го оддалечи човекот од реалноста. Реалност што е поместена од соништата, каде што самовосхитот и нарцизмот ги достигнуваат своите граници. Бидејќи во својата желба да им се допадне на сите, Бандини изгледа дека останува сам во сопствената борба за признавание. И додека ликот се врти во маѓепсан круг, Фанте нè потсетува дека „светот е мит, транспарентна рамнина во која сè е само за кратко време… Всушност, ние воопшто не сме живи. Едноставно се приближуваме до животот, но никогаш навистина не го постигнуваме…“, се вели во најавата за претставата.
Во рамки на 50. МОТ утре во 18 часот во КСП Јадро ќе биде изведена „Врба“ на Естер Бејкер и Искра Шукарова, додека во МКЦ од 20.00 часот ќе се изведе претставата „Граница“ на Ода театар, Косово, во МКЦ, сала Фросина во 20 часот. Автор е Ана Ристоска – Трпеноска, а режијата е на Совран Нрецај.

