Гаши со флоскули, Филипче со сериозни критики за ЕУ интеграцијата

Во тивката сала на Националната конвенција за ЕУ, каде што со години се повторува истата европска приказна со нови актери, претседателот на Собранието Африм Гаши денеска испрати порака која ја насочува топката дома, а не во Брисел. Според него, ниту едно билатерално прашање не смее да остане пречка на македонскиот пат кон Европската унија, а примерите на Албанија и Црна Гора покажуваат дека процесот е сериозен и возможен кога постои политичка волја.

„За нас евроинтеграцијата не се гради во Брисел туку тука“, потсети Гаши, нагласувајќи дека клучот не е во декларациите, туку во начинот на кој домашните политички актери доаѓаат до консензус. Според него, натпреварот меѓу партиите не треба да се води во политичка реторика, туку во изнаоѓање заеднички решенија за заедничките проблеми. Ова, како што додаде, е момент во кој надвор од дневните калкулации е потребна зрелост што им ја должиме на идните генерации.

Пораката на Гаши на прв поглед звучи како општ политички повик, но таа директно се допира до најболното прашање во евроинтеграциите – билатералните блокади. По годините застанување пред бугарското вето и условувањата поврзани со идентитетските теми, неговото инсистирање дека ниту едно такво прашање не смее да биде трајна кочница е и сигнал до соседите, и потсетник за домашната сцена: без стабилен внатрешен консензус, секоја надворешна блокада станува уште поефикасна.

Од опозициските клупи, лидерот на СДСМ Венко Филипче ја презеде европската нишка, но со сосема поинаков акцент. За него, единствениот пат напред за Македонија е евроинтеграцијата, но токму затоа најновиот извештај на Европската комисија, кој тој го нарече „најлош досега“, е сериозен аларм. Додека ЕУ покажува јасна волја за проширување, оценката за земјата, според Филипче, зборува дека во Скопје недостига политичка волја реформите да станат реалност, а не само програма.

Во неговото излагање доминираше и економската димензија на европскиот избор. Филипче потсети дека регионот во последните години добил околу шест милијарди евра помош од ЕУ, додека земји членки како Хрватска и Бугарија повлекле по околу 40 милијарди евра европски средства. Во таа споредба, прашањето беше поставено едноставно: зошто повторно да се влегува во сомнителни кредити и да се задолжуваат граѓаните, кога истите или слични инфраструктурни и развојни проекти би можеле да се финансираат преку европски фондови?

Со тоа, дебатата за ЕУ се префрли од симболичкото на практичното ниво. Евроинтеграцијата не е само одлука за геополитичка ориентација, туку и избор на извор на пари: дали мостови, болници и пруги ќе се градат со кредити што ќе ги отплаќаат идните генерации или со грантови и евтини фондови за кои веќе има распишани програми.

Но Филипче тука не застана. Тој предупреди дека доколку земјата продолжи по истата траекторија, не е сигурен дека Европската унија нема повторно да ја врати Македонија чекор назад во процесот, ниту дека единствен услов ќе остане спорот со соседите. Во фокусот, според него, се две клучни забелешки од извештајот. Првата е неуспехот да се донесат трите патокази – за владеење на правото, за јавната администрација и за демократските институции – што, во европски очи, ја става под прашалник искреноста на реформските ветувања на актуелната власт.

Втората забелешка е поврзана со самото законодавство. Филипче наброја неколку недонесени реформски закони и посочи дека огромен број акти се носат по скратена постапка. Така, Собранието се претвора во место каде што се „туркаат“ текстови без широка јавна расправа и без доволно време за суштински амандмани. За една држава што тврди дека сака да стане дел од европско семејство на демократии, ова, според него, е сигнал дека институциите и понатаму се користат како технички алатки, а не како форум за градење консензус.

Зачлени се на нашиот е-билтен