Цените на нафтата паѓаат веќе четири месеци по ред

Цените на нафтата на светските берзи минатата недела бележат раст од околу еден процент, но на месечно ниво повторно се намалени – четврти месец по ред. Причината, според аналитичарите, е јасна: понудата на нафта и понатаму е поголема од побарувачката на глобалниот пазар.

На лондонскиот пазар, цената на барел нафта се зголеми за 1% и достигна 63,20 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапe за 0,8%, на 58,55 долари.

Почеток на неделата под притисок од вестите за мировните разговори
Цените на почетокот на неделата паднаа откако фокусот на трговците беше насочен кон информациите околу можните услови за старт на мировни преговори меѓу Русија и Украина. Потенцијален мировен договор би можел постепено да овозможи враќање на руската нафта на глобалниот пазар, што би ја зголемило понудата.

Во вториот дел од неделата, цените делумно се стабилизираа, но обемот на тргување беше значително намален поради празникот Денот на благодарноста во САД, кога пазарите традиционално работат со ограничена активност. Ограничените дневни осцилации се резултат на проценката дека понудата на нафта и во наредниот период ќе остане повисока од побарувачката.

ОПЕК ја задржува производството на исто ниво
Организацијата на земји-извознички нафта (ОПЕК) и нејзините партнери на вчерашниот состанок решија производството во првиот квартал од следната година да остане непроменето. До неодамна, картелот ја зголемуваше продукцијата очекувајќи пораст на потрошувачката, но актуелните економски показатели покажуваат забавување на растот во најголемите светски економии – од САД и Кина до еврозоната – што го ограничува и растот на побарувачката за нафта.

Аналитичарите предвидуваат понатамошен пад
Освен потенцијалниот мировен договор меѓу Русија и Украина, и вкупната слаба динамика на светската економија води кон очекувања дека во 2026 година цените на нафтата ќе продолжат да паѓаат. Според анкета на „Ројтерс“, 35 аналитичари прогнозираат дека просечната цена на барел на лондонскиот пазар би можела да изнесува околу 62,23 долари, што е значително пониско од просекот од 68,80 долари во тековната година.

И покрај умерениот раст во последната недела од ноември, цените на нафтата на месечно ниво бележат нов пад – четврти по ред – што не е регистрирано уште од 2023 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен