Симболичен избор на јадења на средбата на Флорида: САД и Украина разговарале за двете најспорни точки од мировниот план

Во ексклузивниот приватен клуб Shell Bay на југот на Флорида, сопственост на специјалниот пратеник Стив Виткоф, американската и украинската делегација се состанаа на маса украсена со традиционални украински јадења – борш и холубци (сарми). Самиот избор на мени, според дипломатски извори, бил намерен гест на почит кон Киев во момент кога Вашингтон ја охрабрува Украина да направи чекори кон компромис во мировните преговори со Русија.

Според висок извор со директен увид во преговорите, во разговорите учествувале државниот секретар Марко Рубио, специјалниот претставник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а подготовките претставувале „значаен чекор напред“ и надградба на напредокот постигнат на првата рунда разговори во Женева минатата недела.

Изворот за CNN изјавил дека, иако е рано да се зборува за финален договор, најпроблематичните делови од американскиот предлог биле дискутирани во детали и дека на некои полиња е можен почетен напредок.

ПРВО СПОРНО ПРАШАЊЕ: НАТО-членството на Украина

Најосетливиот елемент од оригиналниот американски план од 28 точки е барањето Украина формално да се откаже од својата уставна цел – членство во НАТО. Русија инсистира на тоа, а Украина цврсто одбива.

Но, според изворот, се разгледувал можен компромис: Украина би ја задржала уставната формулација, но би била де факто спречена да пристапи во НАТО преку билатерални или мултилатерални аранжмани меѓу одделни западни држави и Москва.

„Украина нема да биде принудена правно да се откаже од својата цел. Ако САД треба да разговараат со Русија, или ако Москва бара гаранции од НАТО, тоа би се решавало надвор од украинските институции“, објаснил изворот.

Сепак, конечната одлука за таков компромис треба да ја донесе украинскиот претседател, а решението би било многу непопуларно во делови од НАТО.

ВТОРО СПОРНО ПРАШАЊЕ: Територијалниот статус на Донбас

Вториот клучен проблем е руските територијални барања во источна Украина. Во американскиот план беше наведено дека одредени области во Донбас, кои Москва ги анектираше но не ги контролира целосно, би станале демилитаризирана зона под руска администрација – но без присуство на руска војска.

Овој предлог е меѓу најконтроверзните. Изворот нагласува:

„Идејата да се препушти контрола на Русија врз тие територии – што би ја ослабело украинската одбрана и би ја зголемило заканата од идни напади – не е прифатлива.“

Сепак, според него, се разгледуваат „креативни опции“ кои би го зачувале украинскиот устав и би ја гарантирале безбедноста на земјата, но детали не се откриваат поради чувствителноста на темата.

„Ако ова стане јавно, може да го уништи потенцијалното решение“, предупредил изворот.

ГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК: Москва сè уште не отстапува

Иако американските и украинските преговарачи разгледуваат можни модели за компромис, нови тешкотии се очекуваат во следните денови. Кремљ досега не покажал подготвеност да се повлече од своите максималистички барања за фактичко покорување на Украина како услов за мир.

Американските посредници сметаат дека убедувањето на Киев за одредени отстапки е само првиот чекор – вистинскиот предизвик ќе биде да се убеди Русија да ги прифати.

Состанокот на Флорида, со симболичното украинско мени, покажува дека преговорите навлегле во најосетливата фаза, каде двете клучни точки – НАТО-членството и статусот на Донбас – остануваат централни во потрагата по одржлив мировен договор.

Зачлени се на нашиот е-билтен