Францускиот претседател Емануел Макрон денес на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски најави заострување на санкциите против Русија.
„Ова е прв пат да имаме толку сеопфатен план за санкции, кој вклучува и нафта и руската флота танкери во сенка. Ве уверувам дека во наредните недели притисокот врз Русија ќе биде поголем со цел да се ограничи протокот на финансиски средства“, рече Макрон, објавува весникот Фигаро.
Макрон изјави дека одбива да „држи предавања за корупција“ на Украина и додаде дека никогаш нема да има проблем со корупцијата во Русија бидејќи во таа земја нема независни контролни тела.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека мировниот план за Украина се подобрува за време на последните преговори за безбедноста и обновата на земјата по војната со Русија.
Тој нагласи дека мирот мора да биде сигурен, дека војната мора да заврши што е можно поскоро и дека многу зависи од активностите на секој лидер.
Елисејската палата претходно денес објави дека Емануел Макрон и Володимир Зеленски разговарале со неколку лидери, меѓу кои Кир Стармер, Антонио Коста, Урсула фон дер Лајен, Марк Руте и други шефови на држави или влади.
Во соопштението се наведува дека Зеленски и Макрон разговарале и со Стив Виткоф, американскиот претставник, и Рустем Умјеров, поранешниот украински министер за одбрана кој сега е задолжен за преговорите, објави претходно порталот BFMTV.