МојДДВ доцни: УЈП вината ја бара во технички проблеми

Управата за јавни приходи соопшти дека исплатата на повратот од мерката МојДДВ за третиот квартал од 2025 година е во тек и дека процесот не е прекинат. Од УЈП објаснуваат дека кај дел од налозите се појавил технички проблем кој бара повторна обработка на спецификациите.

Според образложението, доколку во одреден налог има корисник што сменил банка или трансакциска сметка, системот го враќа целиот налог, поради што исплатата не може да се реализира ниту кон другите корисници опфатени во истиот пакет. Надлежните служби работат на надминување на проблемот, со цел исплатите да се извршат точно и навремено.

Од УЈП нагласуваат дека средствата веќе се исплаќаат кон корисниците со валидни податоци, додека за останатите трансферите ќе се реализираат веднаш по завршувањето на техничката преработка. Институцијата апелира граѓаните кои вршат промена на банка или сметка навреме да ги ажурираат податоците во системот.

Иако УЈП наведува дека причината е поврзана со променети трансакциски сметки, дел од граѓаните со кои разговаравме велат дека не вршеле никакви промени. Тие истакнуваат дека редовно го добивале повратот, дека ја користат истата сметка повеќе години и дека не забележале проблеми во претходните квартали.

Една скопјанка која поднела фискални сметки за јули, август и септември изјави дека се уште чека на исплатата, но се надева дека средствата ќе бидат уплатени во наредните денови. Таа додава дека ниту еднаш не го достигнала максималниот лимит за кварталот.

Од Управата уверуваат дека сите корисници ќе го добијат повратот што им следува, веднаш по завршување на техничкото усогласување на налозите.

Зачлени се на нашиот е-билтен