Голем број Либанци се собраа да го пречекаат папата Лав XIV во Бејрут. Тој беше пречекан со големи почести, а улиците беа полни со луѓе и верници.
Папата Лав XIV, во Либан упати силен повик за меѓурелигиски дијалог, велејќи дека земјата е пример за коегзистенција на различни вери. Либан, погоден од војна и кризи, покажува дека „христијаните, муслиманите, друзите и безброј други можат да живеат заедно и да изградат земја која е обединета со почит и дијалог“, рече поглаварот на Римокатоличката црква.
„Во време кога коегзистенцијата може да изгледа како далечен сон, народот на Либан стои како силен потсетник дека стравот, недовербата и предрасудите немаат последен збор и дека единството, помирувањето и мирот се можни“, рече Папата.

Во овој контекст, Лав XIV ги повика Либанците да водат со пример и да бидат „градители на мирот за да се соочат со нетолеранцијата, да го надминат насилството и да го отстранат исклучувањето“.
Папата разговараше со претставници на различни вери на плоштадот „Маченици“ во Бејрут, каде што се наоѓаат познатата џамија Мохамед ал-Амин и црквата „Света Јурџа“. Либан е дом на различни верски заедници, вклучувајќи муслимани, сунити и шиити, христијани и друзи.
Земјата моментално ја доживува најлошата економска криза во својата историја, при што околу 60 проценти од населението живее во сиромаштија.
Напнатата безбедносна ситуација по последната војна меѓу Израел и милитантите на Хезболах, поддржани од Иран, ги влоши проблемите на граѓаните.

Муслиманските и христијанските верници го пречекаа Папата во центарот на Бејрут со големо присуство на безбедносните сили.
„Јас сум муслиман, но папата е за сите луѓе и во оваа земја сакаме единство и молитва“, рече верникот Сами Кабани.
Муслиманска молитва се одржа во присуство на Папата пред тој да се обрати на толпата. Претходно, Папата посети католички манастир северно од Бејрут каде што се помоли на гробот на Свети Шарбел.

