Издавачката куќа „Макавеј“ го објави романот „Волкот“ од современиот македонски автор Константин Дораковски – дело во кое писателот се оддалечува од широките општествени и историски теми и длабоко навлегува во индивидуалната човечка психа. Дораковски ја отвора вечната дилема за природата на доброто и злото во човекот, градејќи ја приказната околу ликот Велјан, млад човек чија внатрешна борба меѓу светлината и темнината прераснува во драматична, болна и мошне емотивна лична одисеја.

Романот го следи Велјан од неговото детство обележано со загуба и тишина, преку младоста исполнета со чувствителност, неправда и копнеж, па сè до моментот кога неговиот карактер се крши под товарот на низа животни удари. Паралелно со реалната приказна, авторот мајсторски ја вметнува алегориската линија на „штркот“ и „волкот“ – двете спротивставени сили што ги симболизираат добрината и злото во човековата природа. „Волкот“ е роман во кој секоја страница го поттикнува читателот да се праша: што нè оформува – љубовта, болката или изборите што ги правиме?
„Ги покануваме читателите да го откријат овој возбудлив и продлабочен прозен свет. Како завршува приказната на Велјан останува на читателот самиот да го доживее и протолкува – без да откриеме повеќе, ќе кажеме само дека финалето на романот носи силен емоционален удар и отвора простор за длабоко размислување,“ изјави уредникот на изданието Владимир Цветкоски.
„Волкот“ е достапен онлајн на www.makavej.com.mk, како и во книжарниците во центарот на Скопје.

