Опозициската СДСМ денеска до Државната комисија за спречување корупција достави пријава во однос на неодмнашната афера што ја откри партијата за државни тендери од девет милиони евра која ги добила фирма со само двајца вработени.
„Премиерот Мицкоски вчера во емисија јавно изјави дека ако објавениот скандал од СДСМ за тендерот од 9 милиони евра е корупција и криминал, нека реагираат институциите, тој нема ништо против.
Еве денеска сме пред Државната комисија за спречување корупција, да поднесеме официјална пријава со сите документи, докази и информации што ги објавивме изминативе денови.
Како што ветивме, нема да дозволиме ова да остане само на прес конференции. Институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да следува одговорност.
Кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра, што е тоа ако не шема за испумпување пари од граѓаните?
Кога од 6 дури четири милионски договори се со Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски тогаш што е тоа ако не фаворизирање на омилени фирми? Ова се истите шеми на Никола Груевски.
Христијан Мицкоски е само негов ученик и продолжувач на истите методи.“ рече Петар Огњеновиќ при поднесувањето.

Од СДСМ бараат ДКСК да отвори предмет, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи и најавуваат дека објавувањето нови скандали ќе продолжи.

