Белгиската полиција изврши рации во Европската служба за надворешно дејствување и Колеџот на Европа

Белгиската полиција изврши рации во седиштето на Европската служба за надворешно дејствување (EEAS) во Брисел, како и во Колеџот на Европа во Бриж, како дел од обемна истрага за наводна злоупотреба на средства на Европската Унија. Според извори запознаени со постапката и сведоци на настаните, полициските акции се спроведени и во приватни домови.

Утринските рации резултирале со запленување документи и приведување на три лица кои биле испрашани под сомнение за корупција, наместени јавни набавки и судир на интереси. Според сведоштво на еден вработен, околу десет полицајци во цивил влегле во седиштето на EEAS во 7:30 часот, а информацијата била потврдена и од друг службеник на европската дипломатска служба.

Кривичната истрага започнала по обвинувања дека EEAS и Колеџот на Европа, престижна постдипломска школа за европски кадри, незаконски користеле средства на ЕУ во периодот 2021–2022 година.

Овој случај претставува нов сериозен удар за институциите на ЕУ и врши дополнителен притисок врз раководството на Колеџот на Европа и неговата ректорка Федерика Могерини, поранешна висока претставничка за надворешна политика и поранешна шефица на EEAS. Таа за сега нема одговорено на прашањата на Euractiv.

Во акцијата учествувале белгиската федерална полиција од Западна Фландрија и европската канцеларија за борба против измами (OLAF), а истрагата ја води Европското јавно обвинителство (EPPO). Ниту OLAF, ниту EPPO не дадоа коментар.

Истражителите проверуваат дали Колеџот на Европа или негови претставници имале претходни, доверливи информации за јавниот повик за финансирање на новата ЕУ дипломатска академија – годишна програма за обука на млади дипломати во Бриж, финансирана од EEAS.

Вниманието е насочено и кон околностите околу купувањето објект вреден 3,2 милиони евра на улицата Спанјардстраат, каде што се сместуваат учесниците во академијата. Колеџот го купил објектот во 2022 година, во период на финансиски притисоци, а непосредно пред EEAS да објави тендер во кој институцијата подоцна добила грант од 654.000 евра.

Истрагата ги разгледува сомнежите дека Колеџот имал пристап до доверливи информации за тендерот, што би претставувало сериозно нарушување на правилата за фер конкуренција.

OLAF веќе спровел интервјуа со повеќе лица пред случајот да биде предаден на EPPO. Засега нема официјални обвиненија, ниту јасни заклучоци за евентуална злоупотреба.

И Колеџот на Европа и новата ЕУ дипломатска академија ги води Федерика Могерини, поранешна италијанска министерка за надворешни работи и поранешен висок претставник на ЕУ за надворешна политика (2014–2019). Таа станала ректор на Колеџот во 2020 година, а директор на академијата во 2022 година.

Во периодот кој е предмет на истрагата, EEAS беше предводена од Жозеп Борел. Неговиот кабинет не даде коментар.

Портпаролите на Колеџот и на EEAS одбија да коментираат, а од белгиското федерално обвинителство нема одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен