Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека е уверен оти американските дипломатски напори за запирање на војната во Украина ќе донесат праведен и траен мир. Тој нагласи дека Алијансата ги поздравува иницијативите на САД и дека целта останува јасна, односно суверена Украина и Русија која повеќе нема да може да ги напаѓа своите соседи.
Руте истакна дека се работи на безбедносни гаранции за Украина, но дека за проширување на НАТО е потребна едногласна одлука од сите членки. Во моментот, рече тој, таков консензус за украинското членство не постои. Коментарот дојде по прашање за првичниот американски план со кој се предвидува Украина да се откаже од амбицијата за влез во НАТО.
Според Руте, европските и канадските сојузници во изминатите месеци обезбедиле милијарди долари за набавка американска воена опрема за Украина. Преку иницијативата PURL, која има цел да обезбеди една милијарда долари месечно за украинските приоритетни потреби, досега се собрани четири милијарди, а истата динамика ќе биде неопходна и следната година.
На утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО ќе се разговара за мировните напори и зајакнувањето на одбранбените капацитети. Необично е што на средбата нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио. Руте одби да извлече заклучоци од неговото отсуство, иако поранешната портпаролка на НАТО Оана Лунгеску предупреди дека тоа може да испрати погрешен сигнал во чувствителен момент.
САД ќе ги претставува заменикот државен секретар Кристофер Ландау.

